Џафери: Идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас

од Vladimir Zorba

Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во денешното обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце по повод националниот празник Илинден.

Честитајќи го празникот кога ги одбележуваме двата илиндена и годишнини, 119 годишнина (1903) од Крушевската Република и 78 – годишнина (1944) од Заседанието на АСНОМ, којшто годинава се одвива под мотото „Илинден – нашата сила за иднината“, Џафери истакна дека Илинден навистина е единствениот концепт кој што ја опишува вредноста и основата од која сите поаѓаме и во која наоѓаме сила за продолжување понатака во градењето на иднината на нашата заедничка држава, за нас, за нашите идни поколенија, идни граѓани на европското и светското семејство на народи, славејќи ги и празнувајќи ги вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, вредности кои не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.

-Постулатите со кои се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, со кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава се најцврстата основа врз која ќе продолжиме да чекориме како и досега. Настаните во минатото не уверија дека само сплотувањето кон заеднички дом за сите, со јасна визија, мудрост и разум е единствената, природна и остварлива крајна цел. Ако се однесуваме одговорно и разумно кон државата и граѓаните, со взаемна почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право, тогаш патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци. Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодатите кои ги нуди нашата земја, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко, рече Џафери.

Претседателот на Собранието посочи дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат и не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат., а секоја нова тешкотија, нова пречка е тест за државата, за институциите и за граѓаните, и, се разбира дека, како што вели, тоа фрустрира.

-Гледано објективно и со искрена намера за кажување на работите онака како што се, ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, а тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел, рече Џафери.

Сепак, посочи претседателот на Собранието, и во тие лоши времиња на делби, имаше и се уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато, и тоа не на лесен начин и предадено во аманет, луѓе кои и во најцрните сценарија гледаа светла точка и подотворена врата на можности за зачувување и зацврстување на темелите на државата, на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.

-Верувам дека откажувањето од се и тврдоглаво држење за една флоскула која на крајот на краиштата е само празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само ан блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија. Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија, рече Џафери во Пелинце.

Зборувајќи за глобалните кризни и безбедносни предизвици, тој кажа дека сме „премногу мали за сами да ги биеме битките пред кои се исправаме секојдневно“ и оти е значајно да бидеме обединети и единствени за тоа што го сакаме, заслужуваме и можеме како земја и како граѓани на Република Северна Македонија. Но сега, вели Џафери, не сме сами бидејќи пред две години станавме 30-тата полноправна членка на НАТО, а донесовме „тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани“.

-Бевме и се уште сме посветени на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, и на тој пат ја имаме сета поддршка на нашите меѓународни партнери и пријатели. Со нивна силна поддршка го направивме и долгоочекуваниот чекор кон европското семејство. Ја одржавме првата меѓувладина конференција со Европската унија – што практички претставува знак дека веќе сме внатре во игра со големото европско семејство, после цели седумнаесет години статус на земја кандидат за членство. Дали ќе биде лесно? Се разбира дека нема да биде лесно, па играта само што започна, истакна претседателот на Собранието.

Според него, сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство и за тоа ни треба единство, искрен и несебичен придонес на секој еден поединец во државата.

-И, основното што сакам да го порачам оттука и кое сакам да го сфатат еднаш засекогаш сите е дека, никој нема помалку или повеќе право да ја сака, брани, да се гордее или пак да се фрустрира за успесите, неуспесите, победите или поразите на Република Северна Македонија, на нејзините културни, спортски, уметнички претставници во и надвор од земјава, никој нема повеќе или помалку право да ја чувствува оваа земја своја! Република Северна Македонија е наш, заеднички дом и сите имаме една иста цел, потенцираше Џафери.

Негова порака е исто така да градиме држава без дискриминација, со почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на етничката, верската, политичката припадност, без оглед на пол, социјален и економски статус.

-Има една константа, а тоа е дека, ниту доброто, ниту лошото не бира по име, не бира по нација, не бира по вера, по пол, по социјален или економски статус, ниту пак бира по политичка припадност, едноставно, се случува и во еден миг, сите подеднакво сме исправени пред новиот момент а ние секогаш сме знаеле заедно да ги споделуваме и убавите, и не толку убави моменти кои ги носи животот. Така ќе продолжиме и во иднина, истакна претседателот на Собранието Џафери.

Слични содржини