Џафери не ја прифаќа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ: Предлогот за Анкетна комисија се враќа како неуреден

од Берта Китинска

Собранискиот спикер Талат Џафери, на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им ја врати како неуредна иницијативата за формирање анкетна комисја за трагедијата во Тетово.

Во соопштението од Собранието,стои дека  предлог-одлуката не е во согласност со Амандманот 33 од Уставот на Република Северна Македонија им се враќа како неуредна, како и дека истата може да се усогласи во рок од 15 дена.

„Доставената предлог одлука за основање на Анкетна комисија за утврдување на факти и одговорност за пожарот во модуларната болница Ковид центар од Тетово, доставена на 21 септември, не е во согласност со амандманот XXXIII од Уставот на Република Северна Македонија и ви се враќа како неуредна“, стои од собранискиот претседател Џафери до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена побара во парламентот да се формира анкетна комисија за утврдување на фактите и на политичката одговорност за пожарот во тетовската модуларна болница.

Пратеничката Рашела Мизрахи, на прес-конференција, најави дека ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе достави до претседателот на Собранието предлог-одлука за формирање анкетна комисија, која, како што рече, ќе има за цел утврдување на фактите и политичката одговорност на надлежните и одговорните лица и на институциите.

„Наместо одговорност и одговори, повеќе од 10 дена гледаме како власта, од петни жили и на секој можен начин, се труди да го заташка целиот случај. Четиринаесет наши сограѓани ги загубија своите животи, а на Зоран Заев и на Венко Филипче око не им трепнува. Без нималку срам неколку дена ја замајуваат јавноста со измислената оставка, за потоа да се преправаат како ништо да не се случило. Се однесуваат како да нема 14 во црно завиени и ожалостени семејства“,рече Мизрахи.

Слични содржини