Џафери: Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание

од Nikola Popovski

Претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери, повикувајќи се на Деловникот, за телевизијата ТВ 21 изјави дека Пендаровски ќе направи уставна повреда доколку го додели мандатот, без притоа да биде избран нов претседател на Парламентот.

„Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците. Ова е форма пропишана во Деловникот. Секој процес кој може да започне, може да го стави под знак прашалник целиот изборен процес кој заврши. Ако некому му одговара тоа да го направи врз оваа основа, нека повели и нека го направи. Јас нема да бидам дел од натамошната јавна дебата, има надлежни институции кои треба да постапуваат со сила на закон“, рече Џафери.

Според член 90 од македонскиот Устав „претседателот на Република С. Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.

Во Уставот се чини дека јасно се разграничени роковите за формирање владино мнозинство (10 дена) и за состав на програмата и на министрите (20 дена).

Слични содржини