Џафери: Слободата на изразување на мајчин јазик игра суштинска улога во заштитата на сите други права

од Aleksandar Petrovski

Слободата на изразување на мајчин јазик како фундаментално човеково право игра суштинска улога во реализацијата и заштитата на сите други права. Со Законот за употреба на јазиците што беше донесен на 14 март 2018 година, можеме да кажеме дека е создадена солидна основа во насока на јазичната рамноправност и ставен е уште еден камен на зацврстување на младата демократија што ја развиваме во нашата држава, посочи денеска претседателот на Собранието Талат Џафери, на отворањето на тридневната меѓународна научна конференција „Многујазичноста и предизвиците на примената на Законот за употреба на јазиците во РСМ“ во организација на Агенцијата за примена на јазикот.

Џафери истакна дека подигнувањето на јавната свест за значењето на употребата на мајчиниот јазик не е тренд, туку потреба на реалното секојдневие во целиот свет, додавајќи оти промовирањето на мајчиниот јазик е од суштинско значење за одржливите општества, какво што е и нашето мултиетничко општество.

– Важно е да се симнат предрасудите, сите фактори кои работат во насока на претставување на предностите на едно мултиетничко општество, што значи и мултилингвално меѓудругото, да се научиме да се слушаме меѓусебе, да научиме да имаме почит едни кон други и кон сета таа целина што го прави еден поединец посебен, неговата етничка припадност, јазикот што го говори, религијата на која припаѓа, социјалниот слој од каде што доаѓа, економската состојба, полот, професијата и серија други карактеристики, порача Џафери.

Тој додаде дека Собранието е прва институција која го отворила патот кон реализацијата на ова фундаментално право, во која почнало да се прави превод на материјалите што се доставуваат во институцијата и каде за првпат се вршело и консекутивно и симултано толкување на говорниците на седниците на работните тела и на пленарните седници.

– Морам да кажам дека почетоците беа тешки, имајќи го предвид целиот политички контекст, малиот број на кадри во сооднос со огромниот обем на работа и скромното опремување со речници. Сепак, со ангажман на сите страни вклучени во процесот на имплементација на ова право, денес, можам да кажам дека сме поставиле солидна основа, со кадри кои сега веќе имаат повеќегодишно искуство, дополни Џафери.

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки најави дека во иднина ќе се фокусираат на две области – едната е ефикасно спроведување на Законот за употреба на јазиците, втората да се најде подобро решение за создавање капацитети, а особено, како што рече тој, имаме потреба од преведувачи.

– За да се има успешен и координиран процес ние како Министерство ќе предложиме акциски тригодишен план кој ќе содржи детално мерки кои треба да се преземаат за подобро спроведување на Законот за употреба на јазиците, да ги третираме разните аспекти на јазиците во нашата земја. Кога сме кај Програмата за покренување на свеста за спроведување на Законот за јазици што се подготвува во Владата, мислам дека е добра идеа, бидејќи не само што ја покренува свеста за спроведување на законските правила, туку истовремено отвора јавна дебата за важна тема, рече Дураки.

Агенцијата за примена на јазикот на крајот од првиот ден од конференцијата потпиша два Меморандума за соработка со Унивезитетот на Југоисточна Европа и со Универзитетот „Мајка Тереза“.

Слични содржини