Џафери-Цакај: Зачленувањето во ЕУ заедничка стратешка цел

од Nikola Popovski

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со овластениот министер за Европа и за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, кој од вчера престојува во официјална посета на земјава.

Двајцата соговорници како главен приоритет на двете држави го посочиле зачленувањето во ЕУ и напорите за формално започнување на преговорите до крајот на годинава.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери се заблагодарил што Албанија била третата земја која го ратификувала Протоколот за пристапување во НАТО.

Го информирал Цакај со претстојните работни активности на Собранието, како што е разгледувањето на повеќе законски измени поврзани со пандемијата со Ковид-19 и активностите поврзани со европската агенда и отворањето на првите поглавја кон крајот на годинава. Џафери го известил Цакај и за заокружувањето на функционалноста на Собранието со формирање на делегациите за мултилатерална соработка и на групите за билатерална соработка.

Џафери изразил задоволство од заедничкиот интерес и иницијативата за склучување билатерален договор за поедноставување на граничните процедури (едношалтерски систем) за патници и возила на граничниот премин Ќафасан и изразил поддршка за сите проекти кои се во насока на соработката меѓу двете држави во рамки на ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка како што е изградбата на патна, енергетска и железничка инфраструктура во рамки на Коридорот 8.

Министерот Цакај му го честитал реизборот на Џафери и го поздравил формирањето на Владата и функционалноста на Собранието. Ја нагласил подготвеноста на Албанија за натамошно унапредување на севкупната соработка, како и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Соговорниците размениле мислења и за регионалната соработка која е клучна за европската перспектива и стабилноста на регионот.

Слични содржини