Џафери: Закони по брза постапка на штета на Собранието, но за добро на државата

од Aleksandar Petrovski

За носењето закони по скратена постапка, кои беа дел од реформскиот процес, избравме поарно да биде оценката послаба по однос на Собранието, одошто државата да има последици по однос на членството во НАТО и преговорите со ЕУ, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за РСЕ.

Се согласувате ли со оценката на еврокомесарот Оливер Вархеји, која што е спомената и во извештајот на Европската Комисија дека имало значително зголемување на употребата на брзи процедури во носењето на закони?

За жал, така е. Ние ако ги споредиме 2018 и 2019 година како целосни години во кои работел парламентарниот состав во претходниот мандат, имало драстично намалувања на скратените постапки за носење на законите во 2018, што беше нотирано и во претходниот извештај за 2018 година, но од друга страна заради потребата за исполнување на спогодбите кои ги донесе Република Северна Македонија, заради потребата од реформскиот процес и брзината на времетраењето во кое тоа требало да се исполни, секако поради процедурите.

Ако се одело во редовна постапка не ќе можеше да се стигне да се заврши со сите тие постапки и процедури за да се исполнат предусловите за она што стана и факт дека во 2020 станавме полноправна членка на НАТО, од друга страна во март веќе добивме одредница дека до крајот на годината би требало и формално да ги отвориме претпристапните преговори, тоа не би случило доколку не би се одело за дел од законите во скратена постапка. И во таа агенда секако Собранието требало да се реши дали ќе оди во скратена постапка на нејзина штета по однос на формалната оценка која се дава на крајот на годината или ќе оди во редовна постапка по која резултатот ќе биде негативен по државата во целина, и ние го избравме полесниот аспект на лошите нешта, во смисла поарно да биде состојбата односно оценката послаба по однос на Собранието за скратените постапки одошто државата да имаше последици по однос на членството во НАТО и отпочнувањето на претпристапните преговори. Во таа насока мислам дека го направиме исправниот избор.

Во оваа година за жал, велам за жал, по формирањето на владата надвладуваат скратените постапки врзани за пандемијата, и сега, пак, во таа ситуација собранието е во ситуација да бира или ќе оди по секоја цена на редовни постапки, а на штета на потребите за надминување на последиците од пандемијата или, пак, на штета на Собранието да се добива оценка дека се скратени постапки и да оневозможат другите институции да ги исполнуваат своите обврски заради пандемијата. Така што во оваа насока мислам дека состојбата е таа и причината е таа.

Слични содржини