Џамбаски: „Отворен Балкан“ значи формирање нова Југославија

од Nikola Popovski

Идејата за таканаречениот „Мини Шенген“, за која беше разговарано на состанокот на лидерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, ќе биде неуспех за Европската унија, рече бугарскиот европратеник, заменик-претседател на партијата ВМРО БНД Ангел Џамбаски.

Идејата за формирање таква зона на Балканот можеше да се избегне доколку ЕУ ја поддржеше Бугарија во барањата кон Северна Македонија, посочува европратеникот.

-Оваа иницијатива има само една цел – формирање нова Југославија. Тоа не смее да се дозволи, и секој разумен политичар кој сака стабилност и во Европа и на Балканот, треба да го осуди тој план на болшевиците – напиша Џамбаски на Фејсбук.

Според него, таков проект првенствено им служи на интересите на „големосрпскиот шовинизам чија персонификација е Александар Вучиќ“.

Политичарот ја коментираше и завчерашната резолуција на македонските пратеници, со која се забранува темата за македонскиот идентитет и јазик да биде предмет на преговори со Бугарија. Џамбаски им се обрати на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, „и други мислители“, повикувајќи ги да не заборават дека и Бугарија ќе инсистира да ја почитува својата историја и култура.

– Со вашата незначителна резолуција, го прекршивте својот сон за членство во ЕУ што наводно сте го имале. Со тоа, исто така, изјавивте дека ќе продолжите да ја крадете и фалсификувате историјата на Бугарија, порача политичарот.

Да потсетиме, завчера во Скопје се одржа средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама. Лидерите потпишаа три документи кои ќе ја олеснат трговијата во регионот и ќе овозможат единствен пазар на труд, но и взаемна помош во итни ситуации.

Како што беше објавено, „Отворен Балкан“ е новото име за „Мини Шенген“.

Слични содржини