Џамбаски за пописот во Бугарија: Загрижени сме поради повиците до граѓаните „да се попишат како Турци“

од Nikola Popovski

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ги повика обвинителството и Националната служба за безбедност на Бугарија да обрнат внимание на плакатите со кои се повикуваат жителите да се изјаснат како Турци за време на пописот.

„Не се срамете да кажете дека сте Турци, муслимани и дека вашиот мајчин јазик е турскиот. Не оставајте празни места на листот за пописот каде што треба да се напише религија, националност и мајчин јазик“, пишувало на плакатите.

Џамбазки иницијативата насочена кон пребројување на бугарските Турци ја нарече криминална. Според него, нејзините автори се обидуваат да извршат притисок врз граѓаните на Бугарија.

„Секој што е роден на територијата на Бугарија и нема друго државјанство е граѓанин на Бугарија. Официјален јазик во земјата е бугарскиот. Тоа е и јазикот што го зборуваат повеќето луѓе, а за кој Турција се обидува индиректно да изврши притисок и да го користи за потребите на својата нео-османлиска политика“, напиша бугарскиот европратеник на својот профил на Фејсбук.

Пописот се одржува во Бугарија од 7-ми до 17 -ти септември.

Последниот попис во Бугарија беше во 2011 година, кога Турците беа втора по големина етничка група, која сочинуваше 8,8 проценти од населението, а третата Ромите 4,9 проценти од населението во Бугарија.

Слични содржини