Џонсон: Храброста на Заев и Ципрас ја придвижи Македонија кон НАТО и ЕУ

од desk4

Храброста на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас реши долготраен проблем, кој ќе и овозможи на Македонија да се движи напред кон НАТО и Европската унија, оцени републиканскиот сенатор Рон Џонсон, коментирајќи ја одлуката на македонскиот Парламент да ги усвои амандаманите за уставните измени, потребни за ратификација на Договорот од Преспа, како и очекуваната ратификација во Грција.

– Ова е одлична вест. Јас бев во Македонија и Грција во септември, пред референдумот. Овој е уште еден од оние договори кој решава проблем што се провлекува со години, како што беше случајот со Косово и Црна Гора, изјави Џонсон за Гласот на Америка.

Според него, оставката на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос и гласањето доверба за Владата на Алексис Ципрас може да го забави процесот за ратификација на Договорот од Преспа. Сепак, додава Џонсон, шансите тој да успее се големи.

Сенаторот вели дека членството на Македонија во НАТО ќе го стабилизира регионот, исто како што било случај со Црна Гора, за чие членство во Алијансата тој бил голем поддржувач.

Нагласи дека економската иднина на Европа лежи во сојузништво со Западот.

– Русија не нуди ништо освен нестабилност и можеби нафта и гас, но, нив можеме да ги добиеме и на друго место. Членството во НАТО ќе биде добра работа за Македонија, изјави Џонсон.

Тој потенцира дека неодамнешното повлекување на резолуцијата од Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа, која меѓу другото ја осуди и руската пропаганда во Македонија, нема да ја промени утврдената американска позиција за поддршка на евроатлантскиот процес на државата.

Слични содржини