Џонсон: Ќе им дозволиме на луѓето сами да носат одлуки околу справувањето со Ковид-19

од Nikola Popovski

Законските ограничувања поврзани со Ковид-19, вклучително и задолжителното носење маски и ограничувањето на бројот на луѓе кои можат да се дружат, ќе завршат во последната фаза на олабавување на локдаунот во Англија, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.

„Ќе се оддалечиме од законските ограничувања и ќе им овозможиме на луѓето сами да донесуваат одлуки за начинот на управување со вирусот“, рече Џонсон на прес-конференција на Даунинг стрит, објави Ројтерс.

Тој изјави дека вакцините ја прекинуваат врската помеѓу инфекции со Ковид-19 и смртни случаи, предупредувајќи дека луѓето треба да се помират со фактот дека сепак ќе има уште смртни случаи од коронавирусот.

„Сакавме малку повеќе време за да ги видиме доказите дека нашите вакцини помогнаа да се прекине врската помеѓу болеста и смртта“, изјавил Џонсон.

„Станува сè појасно дека овие вакцини се навистина успешни, бидејќи повеќето од оние кои беа примени во болниците не беа вакцинирани“, додал тој.

Слични содржини