Џонсон објави партнерство со Бил Гејтс вредно 552 милиони долари

од Vladimir Zorba

Британскиот премиер Борис Џонсон објави партнерство со Бил Гејтс во вредност од 552 милиони долари, чија цел ќе биде да се поттикнат зелени инвестиции низ Велика Британија, со ветување дека оваа земја брзо ќе ја зголеми примената на чисти технологии.

Владата на Обединетото Кралство ќе се приклучи на програмата Breakthrough Energy Catalyst на Гејтс, која ќе го забрза развојот на зелената енергија со цел намалување на емисиите на јаглерод диоксид на нула до 2050 година.

Џонсон го најави потегот на Глобалниот инвестициски самит во вторникот, пишува Блумберг.

Програмата на Бил Гејтс се фокусира на четири технолошки сектори: зелен водород, долгорочно складирање енергија, одржливи воздухопловни горива и системи за екстракција на јаглерод диоксид во воздухот.

Партнерството треба да ја зголеми визијата на Велика Британија за зелена индустриска револуција, рече Џонсон. Тој, исто така, рече дека Обединетото Кралство може да постигне амбициозни цели ако брзо се прилагоди на технологиите во области како што се зелениот водород и одржливите горива за воздухопловство, што до пред неколку години изгледаше невозможно.

Договорот беше постигнат само неколку недели пред светските лидери да пристигнат во Глазгов за глобални разговори за климата познати како COP 26.

Џонсон за Bloomberg News изјави дека разговорите ќе бидат „многу тешки“.

Слични содржини