Џонсон прифати да поднесе оставка?

од Stefanija Kuzmanovska

Според пишувањата на повеќе британски медиуми, меѓу кои и Би-Би-Си и „Скај њуз“, Џонсон во текот на денот ќе поднесе оставка и на тој начин ќе се отвори можност за избор на негов наследник.

Според „Скај њуз“, Џонсон разговарал со лидерот на Комитетот за 1922 година, Сер Греам Брејди, по што ќе започне процесот на избор на неговиот наследник. Се очекува наследникот да биде избран во октомври годинава кога ќе се одржи конференцијата на Конзервативната партија.

Претходно, британскиот министер за финансии Надим Захави, кој е на оваа позиција помалку од 48 часа, го повика премиерот Џонсон да поднесе оставка.

Захави јавно го објави писмото што го испрати до премиерот, но изјави и дека за тоа разговарал лично со Борис Џонсон во седиштето на Владата во Даунинг стрит.

„Мојот приоритет број еден е и секогаш ќе биде оваа голема земја. Кога ме замолија да станам канцелар, тоа го направив од лојалност. Не на човек, туку на лојалност кон оваа земја и сето она што ми го даде. Предизвиците со кои се соочува Британија, без разлика дали се работи за инфлација или војната на Путин во Украина, нема да застанат, и од витално значење е клучните владини канцеларии да продолжат да функционираат низ националната криза.

Ако луѓето мислеа лошо за мене поради таа одлука, тоа е критика што јас сум подготвен да ја прифатам. Вчера му ставив до знаење на премиерот заедно со моите колеги дека постои само еден начин во кој треба да се оди достоинствено. Од почит и со надеж дека ќе го послуша стариот пријател од 30 години, овој совет го чував во тајност. Мене ми се скрши срцето што не слушаше и што сега на оваа доцна возраст ги поткопува неверојатните достигнувања на оваа Влада.

Земјата заслужува Влада која не само што е стабилна, туку и дејствува со интегритет. Премиере, знаеш во твоето срце што е правилно и замини си сега“, напиша Захави во писмото.

По ваквиот развој на ситуацијата, јавноста во Британија очекува дека наскоро на Борис Џонсон ќе му стане јасно дека не може да остане на премиерската позиција и дека наскоро ќе мора да поднесе оставка.

Слични содржини