Дигитализација на учебниците – бенефит или загуба за учениците?

од Andreja Salpe

Во изминатиот период се повеќе е актуелна темата за дигитализација на учебниците во основно и средно образование. Јавноста поделена, откако Министерството за образование и наука ги најави реформите кои треба да започнат со следната учебна година. Несогласувањата со идејата да се воведат дигитални учебници, коишто треба да ги заменат печатените, ескалираа со делумен бојкот во училиштата.

Најавено е дека за учениците од прво до трето одделение остануваат печатените учебници, а за учениците од четврто до деветто одделение ќе бидат наменети дигиталните учебници. Од следната година само четвртоодделенците ќе имаат можност за комбиниран модел на учебници и материјали за учење.

Дел од учебниците ќе бидат печатени, дел од нив ќе бидат овозможени во дигитална копија, дел од нив испечатени на брајово писмо, како и аудио верзија од сите учебници, за да што поголем број на ученици да имаат пристап до учебници, најави Министерката за образование и наука, Мила Царовска во своето излагање пред пратениците во Собранието.

МОН напоменува дека дигитализацијата на учебниците ќе оди етапно и дека ќе се разгледаат сите страни пред имплементацијата

Од Министерството за образование и наука за „Локално“ велат дека Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник. Со овој концепт се обезбедува можност секој ученик, зависно од можностите и потреби, да има учебник и дека учебниците се инклузивни за да се подобри еднаквоста во образованието.

  • Новиот закон за учебници дефинира дека за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник, велат од МОН.

Од друга страна пак, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Весна Јаневска вели дека таа лично, а и нејзината партија не се против постоење на дигитални учебници, туку проблемот се наоѓа во некомплетната и избрзана најавена имплементација. Таа напоменува дека е потребна сериозна анализа на целиот проект.

Токму некомплетната инплементација и некомплетната успешност на овој проект укажува на тоа дека пред воведување на дигитализација во образованието е потребна сериозна анализа на сите потребни супортивни елементи за нејзина реализација, вели Јаневска и додава дека опцијата за училиштето да обезбеди таблет за секое дете е неверојатна, вели таа во изјава за „Локално“.

Јаневска исто така, истакна дека децата ќе се доведат во нерамноправна положба, доколку учебниците од четврто до деветто одделение бидат само во дигитална форма, со што се отвораат многу прашања за негативното влијание врз децата.

  • Со оглед на моменталната состојба во Македонија, според изјавите на Министерката за образование и наука 1300 ученици немаат пристап до струја, а околу 40 000 ученици се вклучени во алтернативна настава во периодов на пандемијата со Ковид19, односно во периодот на онлајн настава. Тоа значи дека тие не користат дигитален уред, затоа што го немаат. Опцијата училиштето да обезбеди таблет за секое дете кое го нема е неверојатана. Бројни училишта во Македонија немаат финансиски средства за задоволување на основните потреби, како струја, греење, дидактички материјали, хартија, печатари. Од тука произлегува дека со воведување на само дигитални учебници децата ќе се доведат во нерамноправна положба, ќе им бидат повредени детските права и ќе се потенцира соцои-економската разлика меѓу учениците, смета пратеничката на опозициската партија.

Родителите на децата, исто така, поделени по ова прашање. Дел од нив се за дигитализација на учебниците, дел од нив против. Неодамна на социјалните мрежи се покрена граѓанска иницијатива „Учебници и настава мора да има”, од страна на дел од родителите, кои најавија протести против, како што велат „обидот на министерката Царовска и Владата да протуркаат образовни реформи кои не им одговараат на учениците, наставниците и родителите“.

Од Сојузот на средношколци уште веднаш се оградија од повиците за бојкот поради воведувањето на дигитални учебници. Тие истакнаа дека не само што не стојат зад повиците за бојкот, туку и не го поддржуваат, бидејќи не наоѓаат било каква оправданост за него.

Пратеничката Јаневска вели дека не е воопшто изненадена од појавата на иницијативата „Учебници и настава мора да има”.

Појавата на оваа иницијатива воопшто не ме изненади, затоа што незадоволството од новата опција, за само дигитални учебници, беше очигледна и на социјалните мрежи, но и од гласините на родителите и наставниците кои стигнуваа до мене. Барањето на родителите и учениците е јасен показател дека понуденото решеие не е прифатливо. Брзината со која на оваа фејсбук страница се приклучија над 70 000 родители е дополнителен знак за сериозноста на проблемот, истакна Јаневска.

„Локално“ разговараше со Моника Јовановска, родител чие што дете треба да биде опфатено со новата реформа. Таа напомена на внимателност во имплементацијата на реформата и го нагласи стравот од тоа дека децата повеќе време ќе поминуваат пред компјутер.

  • Треба да бидеме реални, во каква позиција се наоѓаат нашите училишта и со каков кадар располагаме, дали воопшто сме спремни на ваков чекор. Училиштата едвај се справуваат со секојдневните проблеми. Доста важен дел од оваа реформа е наставниот кадар, кој тешко се справува со задачите кои им се наметнаа изминативе години. На наставниците им се дадоа премногу бирократски задачи, а со тоа се скрати вниманието што би требало тие да го дадат кон децата. Исто така, децата ќе поминуваат многу време пред компјутер што е значителен проблем, вели Јовановска.

Од МОН пак, напоменуваат дека не се дигитализира наставата, туку само учебниците и додаваат дека поддршката за наставниците е континуирана.

  • Наставата не се дигитализира, се дигитализираат само учебниците кои ќе се применуваат со употреба на соодветна ИТ технологија кога одредена тема ќе го бара тоа за време на часот. Во секој случај, наставниците и досега согласно постојните наставни програми имаа обврска да користат ИКТ технологија, а воедно својата подготвеност за напредно користење ја покажаа и во текот на оваа учебна година во која над 90% од учениците се вклучени во онлајн наставата. Поддршката за наставниците е континуирана. Информираме дека во моментов се реализираат обуки за наставници кои во учебната 2021/2022 ќе предаваат по новите наставни програми во прво и четврто одделение изработени согласно новата Концепција за основно образование. Со обуките се опфатени околу 3000 наставници, велат од МОН за Локално.мк

Од друга страна пак,  Јаневска обвинува дека наставата во оваа пандемиска година не се одвива во најдобар ред. Таа вели дека онлајн наставата не даде никакви резултати и напоменува дека определен број на ученици, не биле вклучени во наставата.

  • Имам впечаток дека Министерката располага со податоци, многу различни од оние кои стигнуваат до мене, во однос на успешноста на онлајн наставата, а и алтернативната настава. Причините за приството на оваа разлика би требало да ги утврди МОН, доколку за тоа има воља. Моите сознанија укажуваат на тоа дека, покрај тоа што определен број на ученици, не се вклучени во наставата, дека и таа која коректно се одвива од страна на наставниците не дава задоволителни резултати. Поради тоа, сметам дека наставниците, но и сите други вработени во училиштата, треба да имаат приоритет за вакцинирање и во септември и тие и учениците да се вратат во училишните клупи, почитувајќи ги протоколите за заштита од Ковид19 инфекцијата, вели Јаневска.

Интегрирање на предметите

Со оглед на фактот дека Република Бугарија неодамна не даде зелено светло за почеток на преговорите на земјава со ЕУ, поради нерасчистени историски секвенци, во јавноста настана забуна околу интегрирањето на неколку предмети во еден, меѓу кои и предметот историја.

Од МОН велат дека реформата нема никаква врска со нашето надворешно политичко прашање и дека интегрирањето на предметите ќе придонесе да учениците не се оптоварени со помнење само на факти. Тие ќе имаат повеќе право на изборни предмети и воннаставни содржини, а со тој начин ќе се овозможи тие да учат критички да размислуваат.

  • Реформата нема никаква поврзаност со ниту едно надворешно политичко прашање. Едноставно, промените кои требаше одамна да се случат, се случуваат сега, а се предвидени во програмата за работа на Владата и во претходниот мандат и во сегашниот, како и во Стратегијата за образование 2018-2025. Исто така, промените се базирани на резултатите од конкретни анализи за квалитетот на националниот образовен систем изработени од кредибилни меѓународни институции како ОЕЦД и УНИЦЕФ, а причина се и долгогодишните слаби постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС. Интеграцијата на предмети не значи елиминирање на содржини, туку овозможување една тема да се изучува преку повеќе предмети односно низ повеќе различни аспекти и на тој начин истата да биде полесно совладана од страна на учениците, овозможувајќи им да стекнат знаења кои се лесни за помнење и практично применливи, велат од МОН.

Сепак, сомнежот во јавноста околу интегрирањето на предметите е се уште присутен.

Јовановска, од позиција на родител чие што дете ќе треба да учи според новата наставна програма, а и како граѓанин смета дека со интегрирањето на предметите се отвора сомнеж, со оглед на тоа дека се наоѓаме во специфична позиција како држава. Таа додава дека со ваквата најавена реформа ќе настане дополнителен хаос кај наставниците, а тоа ќе се одрази и врз децата.

– Со интегрирањето на предметите ќе настане забуна кај децата и може да настане проблем кај оние кои што веќе се привикнале на досегашната настава, вели Јовановска.

Евентуална заштеда

Во јавноста проциркулира информацијата дека со дигиталните учебници ќе се оствари евентуална заштеда на долгорочен план. Од МОН велат дека нема да чинат колку што секоја година се исплаќаат за откуп, печатење и дистрибуција на хартиени учебници. Со дигиталните учебници ќе се скрати процесот со објавување на тендери за печатење на учебниците, кој практично секоја година се случува, но сепак напоменуваат дека најважен аспект на дигиталните учебници се придобивките кои ги обезбедуваат за учениците.

  • Најважен аспект на дигиталните учебници се придобивките кои ги обезбедуваат за учениците – повеќе мултимедијални содржини кои се интересни за следење, стекнување на практични знаења, инклузивност односно достапност на учебниците за ученици со оштетен вид, можност за ажурирање на годишно ниво со што содржините нема да бидат застарени и слично, велат од МОН.

Во врска со наставната содржина и изработката на учебниците од МОН велат дека како и секогаш, ќе се водат според наставната програма.

  • Основа за изработка на учебник или друг наставен и дидактички материјал е секогаш наставната програма. Така што за секој предмет во секое одделение, за кој ќе се изготви нова наставна програма, се започнува и со постапка за изработка на нов учебник, велат од МОН

А.Р.

Слични содржини