„Дигитализацијата на образовните содржини е многу потребна, нашите ученици заостануваат на меѓународните тестирања“

од Vladimir Zorba

Учениците ќе ги користат ИТ уредите дома, за да можат поедноставно, во малку поинаков формат отколку на часот, преку видео и аудио содржини, анимации и квизови, да ја повторат содржината што ја учеле на училиште. На часовите, учениците нема да гледаат постојано во монитор, туку ќе стекнуваат нови знаења преку континуирана интеракција со наставниците. Ученикот ќе има активна улога за време на часот. Советникот во Министерството за образование и наука Душан Томшиќ, во утринската програма на Сител ТВ појасни дека промените во образовниот систем се неопходни, затоа што нашите ученици на 14.годишна возраст не можат да разберат ниту половина од прочитан текст.

„Дигитализацијата на образовните содржини е многу потребна бидејќи нашите ученици заостануваат на меѓународните тестирања. Мораме на учениците да им дадеме дополнителни ресурси за да можат тоа што го учат на часот, да го видат и на друго место. Ние сме единствената земја во регионот којашто нема дигитални образовни содржини. Сите соседни земји имаат дигитални образовни содржини коишто на децата им помагаат во подобрување на нивниот успех и во обезбедување на подобри резултати во учењето“, рече Томшиќ.

Дигиталните образовни содржини ќе бидат достапни и онлајн и офлајн. За оние ученици кои немаат пристап до дигитални уреди, за прв пат со закон се гарантира дека училиштата ќе бидат задолжени да ги обезбедат. Со новата Концепција се зголемува и времето на престојот на децата во училиште и се зголемуваат воннаставните активности, коишто на децата ќе им овозможат да се бават со спорт, со уметност, со се она за што имаат афинитет, затоа што истражувањата покажуваат дека нашите ученици поминуваат 900 часа помалку во училиште, споредено со нивните врсници од развиените земји.

Реформата во основното образование ќе се одвива етапно. Од септември, се менуваат наставните програми само за прво и четврто одделение. Од прво до трето одделение, учениците ќе користат печатени учебници а дигитализирани образовни содржини се воведуваат од четврто одделение.

За да фатиме чекор со квалитетните образовни системи, Министерството за образование и наука ќе инвестира во трите столба – наставните програми, наставниците и инфраструктурата и пристап до дидактика.

„Не можете да инвестирате само во обнова на училишните згради, а да не инвестирате во нови наставни програми и во обука на наставниот кадар. Затоа, МОН годинава има една милијарда денари за капитални инвестиции. Исто така и од проектот со Светска банка, вреден 21,5 милиони евра, 60% од средствата ќе бидат спуштени до училиштата, на ниво на грантови и ќе бидат наменети точно за адаптации, промени, за набавка на уреди“, укажа Томшиќ.

Дополнително, со поддршка од ЕУ, во месец јули ќе биде објавен повик со кој 14 образовни институции, од кои 6 основи училишта, 4 средни училишта и 4 факултети, ќе бидат обезбедени со комплетна пристапност. Се зголемува и пристапноста и кај учебниците, односно ќе се печатат учебници на Брајово писмо, а учениците ќе имаат пристап и до аудио учебници.

„Ги гледаме сите компоненти, училиштето и учењето да станат попристапни, но и да бидат во чекор со современите текови кои се случуваат околу нас. Мораме да менуваме нешто во пристапот за да им го доближиме знаењето на децата“, рече Томшиќ.

Слични содржини