Димче oд Велес живее еколошки: Домот направен од земја создава чувство на спокој

од Берта Китинска

Велешанецот Димче Ацков повеќе од две години живее далеку од градската врева во близина на поранешна Порцеланка и реката Тополка. Вели дека во утрата ужива пиејќи чај и слушајќи стара македонска изворна музика,додека друштво во дворот му прават кучињата Хироу и Миси, мачињата Милица и Хикару и овенот Спирит.

Во разговор со „Локално“ тој раскажува дека на почеток кога решил да замине од градот имало рекации од околината на неговата одлука, но како што кажува тој: „Toa беа реакции ама затоа што беа насочени од луѓе кои не се среќни и живеат во рутина, но јас не ги сфатив сериозно“.

На површина од повеќе стотина квадратни метри, Димче сам си има изградено сопствено живеалиште од природни материјали, земја и глина.

-Материјалот за изработка е почва или земјата која ја има секаде околу нас . Од алат требаат највеќе раце , лопата и кофа. Најважно за една куќа е да има добар темел и добар кров.Темелот од камења може и да трае 100 години.Домот направен од земја создава чувство на спокој секогаш кога сте во него, објаснува тој.

Во дворот на Ацков има повеќе поголеми и помали куќички кои имаат различна намена.

-Во моментов имам три куќи во дворот , една во која живеам , една шупа и една куќа која служи како складиште за храна, а е изградена по принципот на ведските кули .Вецето кое го користам е компост, но наместо вода користам струготини од дрво кои го претвораат изметот во хумус и не штети на околината на никој начин, раскажува велешанецот, додавајќи дека планира да направи и гостинска куќа во која ќе можат да престојуваат туристи.

Покрај куќите во сопатвениот двор Ацков има мини градина од која се снабдува како што вели со „храна без хемикалии“.

-Одгледувам домати , пиперки , краставици , тикви, кикиритки скоро се што се употребува во исхраната кај нас . Бавчата ја работам со метод, но не со копање на земјата. Собирам органски отпад лисја , гранчиња и слично и ги оставам во бавчата на есен да создадат компост и на пролет само ставам семки во тој компост . Не прскам со хемикалии на мојата земјата која ја рачунам за света, а кон растенијата се однесувам со грижа и со почит , објаснува Димче.

Велешанецот организира и работилници на кои доаѓаат и странци.

-Организирам работилници оваа година успеав да направам десетина и беа доста посетени. Најмногу доаѓаат луѓе од Македонија, меѓутоа имаше и по некој странец од Србија , Бугарија , Португалија , Русија, објаснува тој додавајќи дека бил пријатно изненаден од интересот на луѓето за природната градба и за еколошки стил на живот.

Димче вели дека ужива кога оди кај македонската пирамида која се наоѓа помеѓу Куманово и Св Николе.

-Пирамидата е едно од многуте енергетски места кои ги има кај нас и мое омилено место за полнење со енергија . Таа се наоѓа помеѓу Куманово и Св Николе , висока е 666 метри и се наоѓа во права линија со Геоглифот Канда и пирамидата во Србија Ртањ. Јас сум горд на оваа Македонска енергетска пирамида оставена од нашите предци да не полни со енергија и живот, вели Ацков.

Велешанецот Димче е еден од сонувачите кои постојано се трудат своите соништа да ги остварат и во реалноста, а неговиот најголем сон е создавање на вечна шума во центарот на Македонија

-Мојот сон е да помогнам околу загадениот воздух во Македонија и да придонесам кон создавање на вечна шума во центарот на Македонија . Тоа планирам да го направам со купување на земја во непосредната моја околина која моментално е на продажба и планирам да почнам со 2 тие хектара . Да ја рехабилитирам земјата да ја пошумам и да ја оставам во аманет на идните генерации, никогаш да не се сече .За таа цел основав фандрејзер и собирам пари за да го остварам тој мој сон во реалноста .Фандрејзерот ми е објавен на мојот Фб профил Dimce Ackov,кој сака може да се уклучи и да донира.

Б.М.

Слични содржини