Димитриевски: Ја барам поддршката од сите кумановци без разлика на партиската определба

од Nikola Popovski

Никогаш не сум ги делел граѓаните по ниту една основа и ја барам поддршката од кумановци без разлика на нивната партиска или какви било друга определба, вели актуелниот градоначалник на Куманово и кандидат за втор мандат, Максим Димитриевски.

Тој кажа дека ја почитува бројката на гласови добиена во првиот круг од локалните избори, за која рече дека за нив била убедлива и најмасовна како концепт и за него како градоначалник.

Димитриевски нагласи дека продолжуваат во вториот круг и бараат поддршка од сите граѓани од општината без разлика на која политичка опција ѝ припаѓаат. Опцијата, рече кандидатот, работи за граѓаните.

– Ги отфрлам сите лажни обвинувања за наводни реваншизми или создавање и вршење на притисоци. Сум бил, сум и ќе бидам градоначалник на сите граѓани и ниту во еден момент нема да дозволам ниту еден граѓанин поради своето партиско, политичко или какво било убедување да трпи конснквенции или реперкусии, рече Димитриевски.

Од СДСМ Куманово вчера излегоа со соопштение откако актуелниот градоначалник Максим Димитриевски беше јавно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ за вториот изборен круг. Според нив, Димитриевски доби ново име – “јас ќе бидам тој кој ќе го врати режимот во Куманово”.

-Дали господине Димитриевски чувствувате гадење што си подадовте рака вие и оние кои за малку не ве убија вас, Зијадин Села и Зоран Заев во Собранието? Дали заборавивте на тој 27 април, а ако не сте заборавиле, дали вашиот договор значи дека и вие барате амнестија за осудените на 27 април, дали заедно со советничката од ВМРО-ДПМНЕ Елена Божиновска Доцевска сега заедно ќе правите нереди и ќе организирате насилства? Дали ќе ги влечете Ромите за уши заедно со вашите нови пријатели? Дали и вие Димитриевски ќе се претворите во Ќосето и ќе сечете глави, на социјалдемократите, на албанците? Димитриевски, кој е вашиот газда сега, Мицковски и Груевски? Дали Будимпешта ви ја спонзорираше најскапата кампања во изборната историја на државата?, прашуваат од СДСМ Куманово.

Слични содржини