Димитриевски: Јас никогаш не излегов од СДСМ, затоа никој не може да ме враќа назад

од Nikola Popovski

Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член и воедно со нетрпение ја очекувам седницата на ЦО на која ќе разговараме и за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба, вака реагира градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, откако вчера беше објавено дека владеачката партија ќе се обиде да го врати во своите редови.

Според него, тие власта од граѓаните ја добиле за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните.

-Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека “Зборот е збор”. Оваа силна поддршка за мене и луѓето од овој концепт е мотив повеќе за поголема посветеност во трансформацијата на Куманово, но и во борбата за поголема демократизација на државата, напиша Димитриевски на Фејсбук и додава:

-Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела.

Генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски вечерва најави дека владеачката партија ќе се обиде да го врати Максим Димитриевски во своите редови.

-СДСМ ќе влезе во постапка во која верувам на база на сите дискусии кои сме ги имале после изборите ќе извлече поуки, ќе донесе многу одлуки. Затоа што сме единствената инклузивна отворена и модерна коалиција во која членуваат и на позиции се и луѓе кои не се партиски членови, а ја добиле честа и одговорноста д асе носат со тие позиции во име на граѓаните. Верувам дека и овој предизвик пред кој се наоѓаме ќе го решаваме сите заедно и дека обединети, со многу промени и детектирани слабости и отстранување на истите, ќе биде партија која ќе биде целосно подготвена за следните предизвици, истакна Николовски во емисијата „21 анализа“, додавајќи дека „ќе се обидат да направат се“.

Максим Димитриевски освои втор мандат како градоначалник на Куманово, но без поддршката од партијата, откако одлучи да настапи сам на локалните избори. Тој беше исклучен од СДСМ по објавата дека ќе поднесе кандидатура како независен кандидат.

Слични содржини