Димитриевски: Ковачевски да ја преиспита работата на Османи и да преземе чекори за негово разрешување

од Vladimir Zorba

„Вчерашното присуство во Битола на Бугарскиот владин врв на отварањето на клубот на Бугарите во Македонија „Ванчо Михајлов“ е само уште една од низата провокации кон Македонскиот народ и нашата држава Македонија“, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

„Дали г-дин Петков знае кој е Ванчо Михаилов? Накратко кажано тој е еден од најголемите негатори на постоењето на Македонскиот народ и државност, фашистички соработник и противник на антифашистичката борба на македонскиот народ и другите сојузнички народи во втората светска војна и промотор на тезата за голема Бугарија во која ја присоединува и територијата на денешна (Вардарска Македонија), оваа се лесно проверливи и меѓународно потврдени историски факти.

Поради тоа му предлагам на Премиерот Петков како компромис (отсекогаш страната што ја претставува е мераклија на зборот компромис) доколку толку воздигнуваат еден потврден фашист и колаборационист нека си го слави и воздигнува Ванчо Михајлов во Бугарија и со тоа само ќе потврди дека добар дел од бугарската политичка елита никогаш се нема откажано од фашистичката идеологија и фашизмот на нивните предци кој светот го почувствува на своја кожа пред неполни осумдесет години, но притоа повеќе не треба да ги вознемирува тезата дека Македонија била окупирана од бугарски фашистички окупатор во втората светска војна, а ослободена од македонските и сојузничките борци и партизани, нема зошто да им сметаат спомениците од НОБ на кои што пишува бугарски, четнички и балистички окупациони и злосторнички сили за кои што изрично бараат да се бришат и менуваат, а поединци во Македонија подлегнаа на тоа и си згазија на сопствената историја и предците наши.

Му предлагам на Премиерот Петков да поразговара со Доц. Др. Иван Сечанов (Претседател на Сојузот на ветераните од војните на Бугарија и учесник во НОБ како дел од партизанската бригада Христо Ботев, антифашист, овој потврден бугарски антифашист има 95 години) да го праша кој е Ванчо Михајлов и дали ваквиот потег е всушност величење на фашизмот?

Г-дин Петков при нашата куса средба во Сандански во Вас видов млад и образован човек кој на регионот му мисли и посакува добро, но оставете ја декларативноста, тргнете суштински чекор по чекор по примерот на големиот Вили Брант, извинете се во името на нацијата, осудете го фашизмот и дури тогаш можеме вистински, а и братски да продолжиме заедно сите од регионот на патот кон ЕУ.

Дотогаш ние како “добар сосед” во Македонија оваа наша, овде ќе си го славиме Гоце Делчев и Јане и Даме и Карпош и многу други како столбови и творци на нашата Македонска држава и ќе си ги чествуваме и празнуваме хероите од антифашистичката борба и коалиција како пример за непокор на Македонскиот народ и како доказ дека во историјата сме биле секогаш на вистинската страна, страната на поробените и онеправдените.

Во оваа прилика сакам да упатам порака и до нашиот Премиер Ковачевски најпрвин сериозно да ја преиспита работата на министерот Османи и да ги превземе сите чекори за негово разрешување и веднаш јавно да даде изјава во која ќе ги осуди постапките на бугарскиот државен врв и ќе застане на браникот на Македонските национални интереси што е впрочем негова уставна обврска заедно со Претседателот на државата Стево Пендаровски.

Поголема провокација и навреда од оваа немало, молкот е повеќе од срам!“, додава Димитриевски.

Слични содржини