Димитриевски: Ламбе го запалил клубот од фрустрација

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски за палењето на клубот „Ванчо Михаилов“ вели дека осудува секаков вид на насилство, безредие и непочитување на законите, но според него, тоа е резултат на неорганизирана и неправедна држава.

-Се отвара здружение на граѓани под име Ванчо Михајлов, квислинг, потврден фашистички соработник и човек кој отворено работел целиот негов живот против македонската самобитност и државност и тоа без никаква дозвола за отварање на здружението од официјални и надлежни институции, а притоа надлежните во државата на чело со МВР молчат и мудро калкулираат.

Подоцна, откако Ламбе го сторил тоа што на секој Македонец му е во мислите како резултат на фрустрацијата во сопствената држава да ти ги величаат терористите и фашистите, помпезно и експедитивно се наоѓа сторителот на опожарувањето и тријумфалистички се елаборира професионалноста на службите.

Секоја чест на професионалците во МВР и Обвинителството кои што брзо и експедитивно ја завршиле работната задача, секој сторител треба да биде откриен и санкциониран, објави Димитриевски.

Градоначалникот меѓу другото, напиша дека „нема правда, нема мир, денеска скокна Ламбе, утре ќе скокне
народот! Вие ќе бидете виновни“.

Бугарскиот културен центар во Битола беше запален во раните утрински часови во саботата (4-ти јуни), кога се одржуваа дводневни разговори меѓу министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија за решавање на отворените билатерални прашања.

Осомничен за опожарувањето на клубот е пејачот Ламбе Алабаковски.

Слични содржини