Димитриевски: На Куманово му се потребни реални инвеститори за развој на кумановското стопанство

од Nikola Popovski

Општина Куманово денеска одржа јавна презентација на можности за инвестирање, начин и постапка за стекнување со имот за инвестиција во новата индустриска зона Новине и Речица во Општина Куманово.

 

Градоначалникот Димитриевски пред претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија и членовите на бизнис заедницата ги презентираше можностите кои ги нуди новата индустриска зона со цел развој на кумановското стопанство, креирање на нови работни места и поттикнување на локалниот економски раст и развој.

 

“Нашата цел како град е да го развиваме стопанството и да дадеме еднакви можности за инвестиции во кумановското стопанство и на домашните првенствено, но и на странските инвеститори. Јас како градоначалник имам намера да се борам за секое едно вработување повеќе бидејќи е од суштинско значење за нашите граѓани и нашиот град. Сметаме дека во рамки на ваквите квалитетни презентации ќе успееме да изнајдеме реални инвеститори од реалниот сектор да инвестираат во нашиот град, а тоа ќе значи не само за нас како општина туку и за државата”, потенцираше Димитриевски.

 

Индустриска зона „Новине и Речица“ зафаќа површина од 65 хектари и се наоѓа на исклучително атрактивна локација два меѓународни коридора Е75- Коридорот 8 и Коридорот 10, а градоначалникот Димитриевски верува дека во иднина овде навистина ќе никне и ќе се развие мало и средно стопанство во делот на лесна и незагадувачка индустрија, дополнителен број на хотелски капацитети и секако големи трговски единици и шопинг центри.

 

Димитриевски истакна дека на крајот на месец Мај ќе се одржи прво наддавање за оваа индустриска зона на којашто ќе добијат можност да се вклучат сите правни субјекти кои ги исполнуваат условите.

“Пред оваа презентација одржавме онлајн презентација со претставници на сите дипломатски конзуларни претставништва во државата, упативме покана до сите стопански комори во државата и голем број на правни субјекти. Успешно беше реализирана и ова е втора презентација досега, а на третата ќе одиме директно со јавно наддавање за парцелите. На Куманово му се потребни реални инвеститори”, додава Димитриевски.

 

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска, потенцираше дека претставниците на секторските комори на Сојузот на стопански комори, како претставници кои се членови на овој Сојуз, денеска имаа можност да ги видат потенцијалите што новата индустриска зона во Куманово ги нуди, од аспект на тоа дали може да се развиваат нови, македонски инвестиции.

 

„Она што го гледаме како голем потенцијал во зоната е нејзината добра географска поставеност, меѓутоа исто така и можностите кои локалната самоуправа во Куманово и градоначалникот ги нудат – да има добро вмрежување, поврзување, инфраструктура“, истакна Арсовска.

 

Таа додаде дека зоната ќе се развива квалитетно, со искористување на човечките капацитети на пазарот на трудот во Куманово и со намалување на невработеноста. Со ова, како што Арсовска посочи треба да се зголеми стандардот на граѓаните на Куманово, со тоа што ќе се обезбедат квалитетни и добро платени работни места.

Слични содржини