Димитриевски: Наши сограѓани имаат двојно државјанство и се вакцинираат во соседството

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во денешното вклучување во Дневникот на МРТ апелираше што побрзо да се обезбедат вакцините против КОВИД-19, за земјава да почне со колективна имунизација на населението.

„Вакцинацијата е актуелна тема и граѓаните бараат да се информираат до каде сме. Во Куманово, во здравствениот сектор вакцинирани се над 100 лица со вакцините со коишто државата располага. Но, постојат и наши сограѓани кои имаат двојно државјанство и ја користат таа можност и се вакцинираат во соседните држави, како што е примерот со Србија. Апелирам што побрзо да се обезбедат вакцините и да влеземе во колективна имунизација на сите, така како што се работи во секоја епидемија“, порача градоначалникот Димитриевски.

Тој упати апел на почитување на мерките, носење заштитна маска, одржување на физичка дистанца, како и намалување на бројот на контактите на минимум, доколку сакаме да имаме поголеми резултати.

„Во минатото, не многу пати барањата на Општинскиот штаб за заштита и спасување не наидоа на разбирање. Овој пат, бидејќи целата надлежност за самата постапка како се води државата доаѓа по хиерархија одозгора надолу. Ние ќе ги следиме сите постапки така како што ќе ни биде посочено. Ако лично мене ме прашате, дали треба поригорозни мерки во делот на самозаштита, првенствено треба поригорозни мерки во делот на подигнување на општата свест, институциите да си ја вршат својата работа. Можеби доцниме со мерките, еве после една година гледаме дека епидемијата не стивнува. И сега, какви мерки и да преземете доколку нема дисциплина и не се почитуваат препораките мислам дека во оваа фаза нема да имаме значителни резултати“, рече Димитриевски.

Во Куманово од почетокот на епидемијата досега регистрирани се 5989 случаи на коронавирусот, а во моментов активни се 395 позитивни случаи на КОВИД-19.

Слични содржини