Димитриевски: Не може Бугарите да го ослободат Куманово

од Берта Китинска

Независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, во денешното гостување на Утрински брифинг потенцираше дека тоа што го понело да се кандидира за градоначалник е духот на Карпошовци во Куманово.

„Ние имаме два Карпоши. Такви сме по темперамент, по убедување. И кога учествуваме во нешто да создадеме и да срушиме нешто што било лошо, а потоа кога гледаме дека поединци со кои заедно сме се бореле стануваат уште полоши од тоа против тоа што сме се бореле, не можеме да молчиме, туку мораме да застанеме на страна на народот. Народот ме води, затоа што повеќе од јасно е дека народот не се согласува тоа што се случува и на државно и на локално ниво од страна на поединци. Недозволиво е да се узурпира партија, а потоа да се узурпира и државата. Тоа го имавме во минатото и моја обврска е да го спречам тоа, а притоа да продолжам во континуитет да го развивам својот град и да дадам допринос за развој на својот град и своите граѓани да живеат поубаво“, изјави Димитриевски.

Димитриевски потсети на причините за кои во изминатите години се има спротивставено со свој став за одредена проблематика.

„Ако се сеќавате првпат кога беа поделени парите од Фондот за иновации на свои блиски компании, јас тогаш првпат реагирав. Потоа, кога се случи фамозната набавка на реагенси во Министерство за здравство за околу 40 милиони евра и тогаш реагирав, па се поништи таа тендерска постапка. Подоцна имавме состојба која што изнесов свое мислење во делот на она што значи менување на половите. Јас немам против ништо, ЛГБТ заедницата секој има право да живее на свој начин, но да плаќате од Фондот за такви работи, а притоа во Куманово да немате мамограф е апсолутно неприфатливо. На крајот, короната си го кажа своето. Некои правила важеа за други градови, на пример за Дебар, а за Куманово немаше изолација. Се зборуваше дека ќе имаме 2000 позитивни случаи, ја гледате бројката. Одамна бројката на смртни случаи ја помина таа бројка. И тогаш, ме ставија во самоизолација, поднесуваа кривични пријави. Имам континуиран став. Чашата ја прелеа прашањето околу тоа кој тоа го ослободил Куманово. Не може Бугарите да го ослободат Куманово, бидејќи овие споменици кои се околу нас всушност се направени во чест на тие кои загинале од бугарскиот фашистички окупатор. Имам сопствени савови  и го застапувам својот град. Не можеме да избегаме од нашата етно генеза. Таа е нашата жива историја. Баба ми има 94 години, живи сведоштва имаме во Куманово и треба да го промениме ставо?“, праша Димитриевски.

Слични содржини