Димитриевски: Приоритет за мене е Куманово, отворен сум за секој тип на поддршка вклучувајќи ја и мојата СДСМ

од Vladimir Zorba

„Јас сум по убедување социјалдемократ од 1995 година, со социјалдемократска мисла и идеја во вистинска смисла на зборот. Моите заложби се да се развива демократијата во државата и политичките субјекти. Ако немате развој на демократијата во политичките субјекти тогаш не мoжете да развивате ни демократија во општеството. Знам дека под притисок на моите сограѓани и голем број на истакнати социјалдемократи денеска објавив иницијатива за собирање на една ваква граѓанска поддршка. Отворен сум за секој тип на поддршка вклучувајќи ја и мојата СДСМ, затоа што сметам дека основните вредности на социјалдемократијата и на мојата матична партија е токму граѓанскиот пристап и различноста која што е една од главните мота на последниот конгрес на партијата”, изјави Максим Димитриевски на денешната прес-конференција каде ја образложи својата кандидатура како независен кандидат за градоначалник на Општина Куманово.

Во однос на соопштението со кое излезе неговата матична партија СДСМ во кое велат дека тој што им врти грб на граѓаните и на членството и базата на СДСМ, Димитриевски потенцираше дека искрено жали што некои поединци неговата независна кандидатура ја доживуваат како предавство, но овде не станува за негови лични амбиции туку се работи за еден континуитет на едно можеби поразлично размислување од група на луѓе кои во моментов имплементираат власт.

„Партијата ја раководат органи и тела, и во рамки на органите и телата на партијата треба да се размислува многу пошироко, а принципиелно да се држиме до принципите кои претходно ги дефинираме”, вели Димитриевски.

На прашањето дали очекува да биде исклучен од партијата, Димитриевски одговори дека не очекува ниту пак размислува за тоа затоа што партијата има свој статут и органи и треба да одлучи.

„Она што за мене е приоритет во овој момент е Куманово и граѓаните на општина Куманово. Уште од првиот ден го менаџирам градот и се обидувам без разлика што доаѓам како градоначалник од политички субјект да бидам градоначалник за сите граѓани, без разлика на партиска, верска, етничка или било каква друга припадност. И денеска особено мотивот е поголем кај мене бидејќи видов голем број на луѓе кои доаѓаат од различни политички субјекти, заедници и вери. И даваат поддршка на еден ваков концепт, а тоа е всушност концептот на социјалдемократијата во нашата земја”, дополни тој.

Слични содржини