Димитриевски: СДСМ креира лажни слики во јавноста за елиминација на противникот

од Nikola Popovski

Класичното режимско постапување од најлошите години на режимот го имаме и сега, ама кај поединци од власта кои ги имаат узурпирано државните институции за партиски цели. Уште во текот на вчерашниот ден, ја информиравме јавноста дека поднесовме пријава за обид на изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес. Тоа се потврди и во самата снимка, на која лице бара средства за да обезбеди гласови, реагираат од иницијативата „За наше Куманово“ на актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, на обвинувањата на пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска за денешната прес-конференција.

Според нив, пораката која сака да ја испрати Тасевска преку претходно договорена прес-конференција за наводен поткуп нема да помине.

-И вчера, и денеска повикуваме МВР до крај да го истражи случајот и бараме по расчистувањето на случајот да се произнесе јавното обвинителство што треба по службена должност да одговори на нашата пријава. Апсолутно не се точни изнесените коментари од страна на пратеничката Тасевска дека ова било класично режимско постапување. Во текот на целата кампања за локални избори, независната иницијатива „За наше Куманово“ и нејзиниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски се соочуваат со бројни притисоци од страна на поединци од власта кои ги злоупотребуваат државните институции за партиски цели, велат од „Наше Куманово“.

Од таму додаваат дека истото СВР Куманово кое вчера ја злоупотреби својата службена положба во политичка цел, кон крајот на месец септември три дена вршеше притисок врз работата на Општина Куманово и нејзиниот градоначалник Максим Димитриевски преку стопирање на градежни работи кои се одамна започнати и влезени во годишната програма.

-Почитувана Тасевска, ова се класичните режимски постапувања од најлошите години на режимот кои не смеете да ги изнесувате во јавноста бидејќи така ви наложиле. Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ ќе победи на следните избори и покрај сите притисоци, закани и креирање на лажни слики во јавноста за елиминација на противникот. Одамна е завршено времето од режимот, ќе завршат и притисоците во Куманово, стои во соопштението.

Кумановската и македонската јавност вчера слушнаа како кандидат за советник, директор на основно училиште и близок соработник на Максим Димитриевски прави зделки со кои купува гласови. Цената на еден глас изнесува 500 денари плус 500 денари за посредникот на зделката. Ова почитувани е срамно, неодговорно и пред се незаконско дејствување на Максим Димитриевски и неговиот тим, обвинува Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.

Според неа, со ваквото однесување Максим Димитриевски го покажа своето вистинско лице и уште еднаш покажа дека не е социјалдемократ, како што се претставува.

Слични содржини