Димитров: Доколку мојот мајчин јазик е причина да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде

од Берта Китинска

Тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континетот, вели  вицепремиерот Никола Димитров Во интервјуто за Euronews.

– Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство и за европското ветување кон регионот и за Северна Македонија.Но, тука има едно „ако“, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности, вели Димитров.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија во контекст на ветото за отворање на пристапни преговори со ЕУ, Димитров истакнува дека тоа оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.

-Дали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на коишто се однесува?“, прашува вицепремиерот.

Тој нагласува дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.

-Изгубивме генерации во чекалната на ЕУ. Го започнавме нашиот пат кон Европа, по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги започнеме пристапните преговори. И, токму кога конечно го решивме прашањето со Преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планина, вели Димитров.

Сепак, Димитров подвлекува дека и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување на одредени позиции од кои нема отстапување.

 

Слични содржини