Димитров ги победи! Собранието не ја прифати интерпелацијата од ВМРО ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

  Собранието на Република Македонија не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. За интерпелацијата во рамки на 13-тата собраниска седница гласаа 43 пратеници, а против се изјаснија 56.

Пратеникот Антониот Милошоски, образложувајќи ја интерпелацијата, рече дека Никола Димитров како министер за надворешни работи потпиша договор со соседна Република Бугарија којшто за Софија е многу поволен, но за Република Македонија е штетен.

– Никола Димитров како министер за надворешни работи по однос на евроинтеграциите пред Комисијата за надворешна политика промовираше принцип на инклузивност каде што власта и опозицијата ќе работат заедно, а на првата прилика каде што можеше да ја покаже таа инклузивност без ниеден законски основ го отстрани Александар Николовски кој ги помина сите процедури да биде амбасадор на Република Македонија во ЕУ, рече Милошоски.

По однос на регионалната соработка, како што истакна, има тврдења од министерот Димитров дека позицијата на Република Македонија се подобрува во однос со соседите и регионално.

– Најдобриот одговор на ова прашање го дава средбата одржана на 13 јули во Солун, каде што претседателот на Србија и министерот за надворешни работи на Србија, премиерот на Грција и министерот за надворешни работи, премиерот на Бугарија и министерката за надворешни работи имаа трилатерална средба на која што разговараа за регионот, меѓу другото разговараа и за Македонија, а Македонија не беше присутна, нагласи Милошоски.

Третата работа, како што истакна, е немање јасен и конкоретне став по однос на темата за мигранти.

Тој рече дека идеологијата на министерот Димитров е кариеризмот. – Видете ја неговата биографија и ќе видите дека кариерата секогаш била првиот приоритет во неговата идеологија, без ралзика кој е на власт дали Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Никола Груевски или Зоран Заев, нагласи Милошоски.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, во одговорот за поднесената интерпелација рече дека е изненаден што е поднесена пред истекот на 100-те дена од изборот на Владата, поточно на 71. ден откако ја презел функцијата министер за надворешни работи и покрај тоа што и претходно само на 34. ден од неговото назначување на 4 јули на покана од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието реферирал за неговата работа во првите 30 дена.

– Но, од друга страна, можеби е разбирлива ваквата возбуда кај подносителите зошто, сепак, после многу години стагнација и назадување вратите се отвораат и нешто ново и позитивно се случува за РМ, нешто што конечно отвора нови можности и реални перспективи за една поинаква европска иднина, рече Димитров.

Од 1 јуни па до денеска, како што посочи, интензивно ги спроведуваме зацртаните приоритети во делот на надворешната политика врз основа на Планот 3-6-9. За стоте дена во период на летни одмори, како што нагласи Димитров, остварил 27 посети во странство.

– Бев во соседството, бев во Германија, во Австрија, Холандија, Белгија, Шведска, Финска, Данска и Норвешка. Се сретнав со колегите од Франција и од Италија. За 100 дена имав средби со 37 министри за надворешни работи и над стотина други странски претставници. Имав над 30 интервјуа за меѓународни медиуми, додаде Димитров.

Потсетувајќи на самитот на Западен Балкан во Трст, рече дека, во рамките на Берлинскиот процес поддржан од ЕУ, беше препознат нашиот скорешен придонес за менување на традиционалните перцепции за регионот како генератор на кризи, создавање услови за негова одржлива стабилност и развој и унапредување на општиот квалитет на живот на сите граѓани.

– Начинот и брзината со која ја надминавме напнатоста и добрососедските односи со пријателска Србија ги вративме на нормален колосек сведочат за посветеноста и капацитетот на оваа Влада и ова Министерство што беше препознаено од нашите меѓународни партнери. Гледаме перспектива во продлабочување на нашите врски со Србија, како впрочем и со сите други соседи, покрај другото, препознавајќи го заедничкиот бенефит од интеграцијата во ЕУ, посочи Димитров.

Според него, потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија покажа дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес прашањата се решаваат. – Со договорот се заштитени нашите клучни национални интереси, се создава нова клима на доверба во односите со Бугарија и се отворат конкретни перспективи за наше забрзано целосно европско и евроатлантско интегрирање. Начинот на кој договорот беше усогласен без инволвирање од двете страни за што заслуга подеднакво имаат и двете држави не случајно е оценет како инспирација за надминување на отворените прашања и модел за соработка на целиот Балкан. Тоа е така зошто оваа Влада се определи да води политика и на изнаоѓање решенија, а не на нерешавање на проблемите, додаде Димитров.

Нагласи дека Договорот не е идеален и праша, дали има идеални договори и каква е алтернативата, и дали воопшто има алтернативи? – Нема покатастрофална геополитичка ситуација за Македонија ако имаме отворени прашања со двата соседа со коишто делиме граници членки на ЕУ, истакна министерот Димитров.

Најави продолжување и засилување на позитивната клима во меѓусебните односи.

Унапредувањето на односите со Грција, како што посочи, е од стратешки интерес за Македонија. – Не се работи за моја лична перцепција или проценка, туку факт заснован врз видливи аргументи и показатели. Грција е наш клучен сосед од многу аспекти и во економско-финансиска смисла и во однос на комуникацијата меѓу граѓаните на двете земји и во однос на справувањето со безбедносните закани и предизвици, додаде Димитров.

Говорејќи за спорот околу името, рече дека е долготрајно и комплесно прашање кое бара соодветен и сеопфатен приод.

– Но, не можеме да го негираме и игнорираме. Оттаму, одговорот за вашата загриженост за наводна нетранспарентност се наметнува сам по себе, истакна Димитров.

Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека договорот со Бугарија не е добар и оти мора да дојде до негова корекција, бидејќи содржи работи што и одговараат на Бугарија, но не и на Македонија.

– Немам замерка за Бугарија зашто така треба една држава да си ги брани своите интереси, но постои огромна асиметричност во нивна корист. Со подобра процедура договорот можеше да биде многу поповолен за Македонија, рече Поповски.

Во реплика министерот Димитров посочи дека е предизвик како да си помогнеме и да се придвижат работите напред и оти не ни требаат признанија од секоја страна за, како што рече, да си го гледаме нашиот пат.

– Очигледно е дека Бугарија сака да и помогне на Македонија и оти го препозна новиот  бран што го нуди новата власт во Македонија, потенцира Димитров.

 

Томислав Тунтев од СДСМ порача дека интерпелацијата за работата на Димитров е поднесена на 71-от ден од работата на Владата и додаде дека во секоја принципиелна демократија се чекаат 100 дена па потоа се дебатира за работата на министрите.

– Тоа зборува за непринципиелноста и безидејноста на опозицијата и нивната цел да се оди на теми со кои ќе го одвлечат вниманието  од она што е најбитно за граѓаните. Мислам дека интерпелацијата е во корист на работата на министерот и на сите негови претходници кои учествуваа во изговувањето на договорот со Бугарија, потенцира Тунтев.

Единствената причина за необјавувањето на договорт пред да се потпише, посочи, беше џентлменство во демократијата бидејќи е невообичаено јавно да се објавува договор кој се уште не е потпишан и усвоен. Веднаш по потпишувањето договорот беше објавен и јавноста можеше да види што има во него.

– Целата фама што се дигна од опозицијата беше бидејќи не сакаше да се призне успехот што го постигна новата Влада со потпишувањето на договорот со Бугарија со кој почна да се подигнува меѓународниот рејтинг на Македонија. Членот 11 од договорот, кој на прв поглед изгледа асиметричен, е така форумулиран бидејќи Бугарија признава само бугарски народ, а кај нас според Уставот има и етнички заедници. Токму затоа договорот е потпишан со таа формуалција, рече Тунтев.

Во реплика на обраќањето на пратеничката Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ во кое го обвини за потпишување штетен договор со Бугарија за националните интереси на земјава, министерот Димитров рече дека му е несфатливо што ВМРО-ДПМНЕ има амбиција да има монопол на „чувари на националните интереси“.

– Никогаш  во својата историја Македонија немала послаби позиции по националните  интереси од владеењето на Груевски, затоа што изубивме пријатели кои сега си ги враќаме и затоа што немаа веќе причини да ја поддржуваат Република Македонија. Покрај прашањето за името пречка станаа и владеењето на правото, немањето одговорност, слобода на медиуми и назадувањето на демократијата. Сите извештаи тоа го покажуваа, а и НАТО ни ја испрати таа порака од Самитот во Варшава, како и Европската комисија во последниот извештај. Во име на одбрана на идентитетот воведовме едно второ ниво на македонски идентитет и почнавме да ги менуваме учебниците со антиквизацијата, рече Димитров.

Праша како ќе се надминат овие прашања и како ќе се зачува државата и ќе и се отвори иднина доколку Македонија нема пријатели.

– Јас сега ги врќам пријателите. Утре одам  во Лондон каде ќе потпишеме декларација за партнерство. Потпишавме таква декаларација и со Шведска и Норвешка, рече Димитров.

Во реплика, пак, на обраќањето на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, министерот Димитров посочи дека Македонија долго време каска во надворешната политика.

– Ситуацијата од 2005, 2006 и 2007 година кога се  движевме кон Самитот во Букурешт беше попогодна за Република Македонија, бидејќи проширувањето беше попопуларно кај нашите блиски пријатели Австрија и Германија. Сега поддршката на проширувањето кај нив е од 25 до 26 проценти и се скептични дека  можат да ги трансформираат балканските општества во вистински демократии. Во меѓувреме поради бавноста на процесот на Балканот се отвори простор за нови геополитички игри. На Балканот има само две сценарија од кои едното е европското со голема Европа, а воторото е враќање на амбициите за големи држави што имплицира промени на граници. Многу е важно да направиме се што можеме да се извлечеме од лошото сценарио и да влеземе во европското, рече Димитров.

Нагласи дека затоа е важно од земјите што ни поставуваат пречки да направиме поддржувачи и да ги  убедиме дека може Македонија да стане европска демократија.

– Делумно политичката, моралната и институционалната криза низ која што поминавме во овие две и пол години помага. Европа виде колку е рискантна стратегијата на статус-кво, да се остави една земја да чека затворена во чекалницата, бидејќи се создава контекст што не одалечува од целта. Покрај тоа и мирантската криза ја убеди Европа дека Балканот е интегрален  дела на безбедноста на Европа. Ако ние ги убидиме дека можеме да направиме чекори кон вистинска демократија и ако затвораме прашања што се тешки можеме само да си го отвориме патот, потенцира Димитров.

На дневен ред на 13-тата седница се и интерпелациите за работењето на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика, Љупчо Николовски  и Мила Царовска. Седницата ќе продолжи денеска во 16 часот.  

Слични содржини