Димитров: Грција со поголема самодоверба ќе биде резултатот на заокружување на целиот процес со Преспанскиот договор

од Vlatko K

Грција со поголема самодоверба на меѓународната сцена ќе биде резултатот на целосното прифаќање на Договорот од Преспа од грчка страна, земјата со тоа ќе ја зајакне својата позиција во регионот и пошироко, истакна шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, вечерва во емисијата Топ-тема на Телма, која се емитува во момент кога во грчкиот Парламент се одржува седница посветена на ратификација на Договорот.

Четири се мотивите на македонската страна за решавање на ова прашање, посочи Димитров. Тоа се отворање на вратите за напредок на земјата, влезот во НАТО и ЕУ, унапредување на пријателските односи со Грција и затворање на идентитетските прашања.

Димитров нагласува дека со вториот мотив, пред се со влезот во НАТО, Македонија ја преминува линијата и понатаму нема да се прашуваме што ќе биде со земјата во услови на сеуште нерешени прашања на Балканот.

Нагласува дека македонската страна прави повеќе со овој Договор, ја додава географската одредница северна на името, но сепак сето тоа е исплатливо во една подолгорочна перспектива.

Од грчка страна, вели Димитров, мотивите не се толку директни, во смисла на ЕУ и НАТО интеграција. – Но Грција со решавање на ова прашање се враќа како голем играч на Балканот, си прави еден голем пријател и сосед, има еден елемент што покажува поголема самодоверба. Оваа политика на Ципрас е Грција е поширока самодоверба, додава тој.

Во врска со опстанокот на договорот по доаѓање на други политички гарнитури во двете земји, Димитров вели двете земји ќе имаат меѓународно правни обврски Договорот да биде на сила. Нагласи дека сега е важно да се инвестира енергија во развојот на новите односи што ги овозможува договорот, напоменувајќи дека голем дел од него е посветен токму на развивањето на стратешкото партнерство во различни области меѓу двете земји

-Да направиме со правилна политика да стане политички неисплатливо да се вратиме на тоа што се случувало пред Договорот, да направиме тешко да биде враќањето назад, тоа да нема резон и тука ќе треба многу работа, истакна шефот на македонската дипломатија.

Вели дека задачата на оваа генерација е да се стави крај на овој спор, конечно да се реши прашањето.

-Ние можеме да решиме да се мразиме, но можеме и како една нова генерација малку пореално и поотворено да ги гледаме работите и да работиме на подобрување. Ова е една многу благородна мисија. Полесниот пат е да продолжиме да се мразиме. Сто пријатели се малку, ама и еден непријател е многу. Немаме време веќе на Балканот да се живее по стариот концепт, бидејќи светот е разнишан, Европа си е зафатена, беа во тешка криза во делот на финансиите. За нас е добро Грција да биде просперитетна како наш сосед, рече министерот за надворешни работи.

Во врска со тврдењето на лидерот на Независни Грци, Панос Каменос дека Преспанскиот договор е почеток на нови балкански војни, Димитров нагласи дека со ратификацијата во грчкиот Парламент доаѓа и Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. –И формално-правно ќе станеме сојузници едни со други, оној кој ќе ја чепне Грција не чепка и нас, оној кој ќе не чепне нас ја чепка и Грција, што е основата на членот пет од Вашингтонскиот договор, истакна македонскиот министер за надворешни работи.

Ратификацијата во грчкиот Парламент е претпоследна фаза во процесот, вели Димитров, потоа следува ратификацијата на Протоколот.

-Процесот заминува во Брисел каде Грција и останатите 28 земји-членки ќе го потпишат Претпристапниот протокол, потоа ќе се врати назад во Атина за ратификација. Се менува Вашингтонскиот договор се прави место за нас како земја-членка и согласно тоа одлуката за уставните амандмани влегуваат во сила во нашиот домашен правен систем. Разменуваме ноти со грчкото МНР. Ги информираме ОН, земјите-членки билатерално ги информираме, појаснува Димитров.

Нагласува дека во однос на новите документи има преоден рок во Договорот, наречен согласно разумните административни практики. За документите кои се користат меѓународно вкупниот рок е пет години, за домашните документи ќе се менуваат со отворањето на соодветното поглавје во преговорите со ЕУ.

Слични содржини