Димитров: Имаме нова методологија којашто овозможи безусловно зелено светло, меѓутоа не заврши добро

од Берта Китинска

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров утрово учествуваше на конференцијата „Спогодбата за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ – дваесет години и натаму“, во организација на тинк-тенк организацијата „Институт за европска политика – Скопје“.

-Минатата година почна добро, имаме нова методологија којашто овозможи безусловно зелено светло, меѓутоа не заврши добро и мислам дека со еден таков епилог прво изгубивме ние, потоа изгуби регионот бидејќи бледнее надежта дека европската перспектива е реална, изгуби и ЕУ бидејќи заедно со намалување на кредибилитетот се намалува и влијанието, а мислам дека изгуби и Бугарија бидејќи имавме една голема можност што треба да се обидеме заедно да ја вратиме, да градиме едно вистинско и блиско партнерство и пријателство – рече Димитров.

Тој нагласи дека Северна Македонија е на ниво на усогласеност со земји во регионот кои веќе преговараат, а во некои поглавја и подобра од нив. Тој напомена дека сите зеднички тела кои се воспоставени во изминатите 20 години со цел да се овозможи успешно реализирање на Спогодбата од страна на сите домашни институции функционираат редовно и успешно. Едновремено, потсети дека приоритет е да работиме на унапредување на административните капацитети, особено во контекст на ИПА кадарот, бидејќи успешно спроведени ИПА проекти значат подобрена инфраструктура за сите граѓани.

„Спогодбата продолжува да биде единствената правна рамка која ги регулира нашите односи со ЕУ и можеби уште поважно, ги штити нашите интереси, особено интересите на домашното стопанство, вклучувајќи ги и услугите. Затоа, ние немаме друга алтернатива. Мора да продолжиме активно да ги исполнуваме и нашите обврски кои произлегуваат од Спогодбата, носејќи ги европските вредности дома. Во тој процес се обврзуваме да бидеме инклузивни и транспарентни, а тоа подразбира искористување на сите капацитети, не само на институциите, туку и на граѓанскиот сектор, на академската заедница, на стопанските комори и синдикатите, бидејќи сите ние поеднакво сме засегнати не само од бенефициите, туку и од предизвиците кои со себе ги носи пристапниот процес.“, рече Димитров

 

Слични содржини