Димитров: Ја цениме помошта од Унгарија за справување со пандемијата

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, во рамки на неговата посета на Република Северна Македонија.

Главен фокус на средбата беше ставен на конкретната поддршка која Унгарија ја упатува на Северна Македонија во контекст на борбата со справување со пандемијата COVID-19, како и севкупниот европски одговор при справување со овој тежок глобален предизвик и ублажување на последиците. Истовремено беа разгледани и европските перспективи на Северна Македонија особено по позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на пристапни преговори.

„Единствено преку солидарност, координирани напори, соработка и размена на добри практики и знаење, ќе излеземе од овој тунел. Ја цениме денешната конкретна помош од Унгарија за справување со пандемијата, која е вистинска демонстрација на европска солидарност. Благодарни сме и за конзистентната поддршка на нашиот ЕУ и НАТО пат. Голема беше честа што неодамна ја имав да ја претставувам Северна Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на Северно-атлантскиот Совет во формат на Министри за надворешни работи, заедно како сојузници со останатите земји членки меѓу кои и Унгарија“, изјави Димитров.

Од страна на гостинот беше поздравено зачленувањето на Северна Македонија и позитивната одлука за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

Двајцата министри се договорија меѓусебно да соработуваат во напорите за репатријација на унгарските и македонските државјани затекнати во странство.

Слични содржини