Димитров: Панаѓур на некомпетентност е поканата да учествувам на седница на Комисијата, во расправа за спорот

Вицепремиерот на Владата, задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на седницата во Собранието, каде точка на дневен ред е неговата интерпелација, го нарече „панаѓур“ на некомпетентност канењето да учествува на расправа за спорот со Бугарија на Комисијата за надворешни работи.

Димитров посочува дека е лага дека бил уредно поканет,  исто како што е лага тоа дека бил должен да присуствува, и дека одбил да дојде на седницата на Комисијата во Собранието за надворешна политика, чие раководство е под палката на опозицискиот пратеник, Антонио Милошоски.

„Вие тврдите дека сум бил уредно поканет на седница на Комисијата за надворешна политика, сум бил должен да се појавам, а јас сум одбил. Тоа е апсолутна лага, по сите основи. Сакам да бидам кристално јасен, по сите основи. Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам, лага е дека сум одбил да присуствувам“, кажа Димитров, додавајќи дека според Деловникот на Собранието, ако на седница на работно тело не се разгледува закон или предлог-закон, тој може, но не мора да присуствува и затоа е бесмислено да одговара за нешто што не е задолжително.

Меѓудругото, вицепремиерот нагласи дека на првите две интерпелации им пристапил со должна одговорност, но не и за оваа. „Што очекувавте, да прифатам преговори по секоја цена? – праша тој околу обвинувањата за преговорите со Бугарија и за , како што го нарекоа од ВМРО-ДПМНЕ, фијаското за евроинтеграцијата, порачувајќи дека е добро што не се сетиле интерпелација да поднесат и на Европската комисија.

„Мене ме обвинувате што соседна Бугарија го прекрши Членот 2 од Договорот за пријателство каде што се обврза да ни помага во евтоинтеграцијата, а не да не блокира? Ние ги земаме жешките костени во раце, вие се радувате на секоја изгореница. Моја работа е да ги водам преговорите во најдобар интерес за нашата земја. Јас не сум виновен ако другата земја не ги почитува договорите“, реагираше Димитров на обвинувањата.

Тој и порача на главната опозициска партија дека е во заблуда ако верува дека со сопки и саботажи ќе добијат клучни политички поени. Според негова оценка, ВМРО-ДПМНЕ всушност бара излез од нивниот внатрепартиски хаос со рушење на оваа држава.

„Едвај чекате лоши вести. За одлуките на трети држави виновна според вас е македонската влада, ако случајно има добра вест, вие сте заслужни, рече Димитров потсетувајќи на негирањата од Чешка и од Словачка за тврдењата дека ставија вето на ветото на Бугарија поради лобирањата на нивната партија.Се однесувате како демантите на земјите членки да ви се ордени, а не документиран резил. Вие сте лажни патриоти кои за да дојдат на власт застапуваат антимакедонски ставови, како и на тие во Бугарија и претходно во Грција кои бараа моја смена. Како тоа јас ги предадов македонските државни интереси, а Бугарија вели јас сум еден од главните проблеми што нема договор?“, запраша Димитров.

Пред Димитров зборуваше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој кажа дека интерпелацијата на Димитров е само првиот чекор од планот за рушење на ова парламентарно мнозинство, а „другите чекори ќе ги гледате во наредните недели“. За интерпелацијата рече дека доаѓа по фијаското на евроинтегративните процеси, кое го дожиевало владејачкото мнозинство.

Слични содржини