Димитров: Шилегов не е идеален, но е неспоредливо подобар од Арсовска

од Nikola Popovski

Се мислев дали е мое да се заложам за кандидат на локалните избори. Не сум партиски човек, а чувствувам обврска кон граѓаните на Скопје да го соопштам мојот став. Со гласачите од ИЕ 1 имаме взаемна доверба од парламентарните избори. Секогаш сум бил и ќе бидам гласот на граѓаните. Немам политичка, ниту етичка обврска да давам бланко поддршка водејќи се од буквите на партијата, по логика што мене не ми е блиска: „ако се моите, добри се без разлика на сѐ – ако се другите, лоши се без разлика на сѐ”, објави вицепремиерот за економски прашања, Никола Димитров, давајќи поддршка за нов мандат на актуелниот градоначалник, Петре Шилегов.

Тој јавно информира дека ќе гласа за него во недела, со чиста совест.

-Дали Петре направи многу за Скопје во првиот мандат? Апсолутно. Дали е идеален градоначалник? Не верувам. Дали е неспоредливо подобар од другата кандидатка? Немам никакви дилеми. За нашиот „избор” пак во поширока смисла, што се однесува на стратешкиот правец на татковината, ситуацијата ни е тешка, наведува Димитров и додава:

-Роден сум во Скопје и пораснав главно во Центар, а доста време во детството го поминав и кај баба ми во Карпош. Си го сакам Скопје, иако кога можам го заобиколувам плоштадот што искрено преку “Скопје 2014” го направија прослава на кичот. Го сакам Скопје со сите негови маани. Можеби сум пристрасен, бидејќи речиси нема улица и сокаче каде немам сеќавања, ама градот ни има голема душа. И токму затоа, како граѓанин, решив да си кажам што мислам за изборот за градоначалник на мојот град.

Слични содржини