Димитров: Станува невозможно да се одржи европското влијание без одржување на зборот од европска страна

од Берта Китинска

На барање на словенечка страна, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска имаше видео-средба со државниот секретар во МНР на Словенија, Гашпeр Довжан, на која разговараа за приоритетите на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во следните 6 месеци и вклучувањето на европското досие на Северна Македонија во тој контекст.

„Европската перспектива на Северна Македонија и регионот не е само во интерес на овој дел од Европа туку и геостратешка потреба на Унијата во овој клучен период, јасно препознаена и во Брисел и во главните градови на земјите членки. Тоа кореспондира и со приоритетите на нашите словенечки пријатели за кредибилна и стабилна ЕУ како израз на процесот на европско обединување. Станува невозможно да се одржи европското влијание без одржување на зборот од европска страна – почеток на пристапни преговори за оние кои испорачаа, како што е македонскиот случај.”, рече Димитров.

Во таа насока, државниот секретар Довжан потенцираше дека регионот е вклучен во трите столба на словенечкото претседателство и процесот на проширување ќе биде истакнат како хоризонтално прашање за иднината на Европа, а особено внимание ќе биде посветено за продолжување на напорите на германското и португалското претседателство за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и продолжување на дијалогот со Бугарија во согласност со европските принципи и вредности. Словенечкото претседателство упати покана до ЗПВ Димитров за присуство на неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, кој што ќе се одржи на 22 и 23 јули во Брдо крај Крањ.

На средбата беше потенцирана и одличната билатерална соработка изразена преку техничката помош што Северна Македонија ја добива од Словенија во усогласувањето со европските стандарди и политики, како и подготовката на националната верзија на правото на ЕУ.

Слични содржини