Димитров: Воопшто не молчев, додека бев во Влада битката ја водев внатре

од Nikola Popovski

Вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров изјави дека воопшто не се кае за искажаните ставови на прес-конференцијата пред два дена.

-Не се каам и воопшто не молчев, ни додека бев во Владата. Не бев толку отворен, затоа што битката ја водев внатре, вели Димитров во вечерашното интервју за „360“ степени.

Во однос на изјавата дека нема доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи околу решавањето на спорот со Бугарија, Димитров информира дека неговата проценка се темели на лично сведоштво на искажани ставови во рамките на внатрешната координација.

-Но и преку информации што ги добивам од министри и амбасадори на земјите-членки на ЕУ. Од таму ми се елементите и оценката за Османи. Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа, додаде Димитров.

Со критика до Владата пред се за процесот за решавање на спорот со Бугарија и со порака дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето, Димитров си заминува од функцијата. Тој на завчерашната прес-конференција рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата.

-Демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции. Значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, потенцира Димитров.

Слични содржини