Димитров за „НИН“: ЕУ не смее да дозволи процесот да се инструментализира против правото на македонскиот народ на самоопределување

од Берта Китинска

Главниот проблем е што под превезот на добрососедските односи и европската интеграција, Бугарија отвори прашања коишто во својата суштина се антиевропски. Ако сакате да имате добри соседи, мора и самите да бидете добар сосед, – како што вели Хари Труман. Ако соседот ви го оспорува јазикот, нешто што е исклучиво ваша суверена работа, и што во никој случај не може да биде предмет на признавање или негирање од друга држава, тоа никако не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован врз заемно почитување, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за српскиот неделник „НИН“.

Тој вели дека за голем дел од земјите членки на ЕУ овие спорови се нерационални и неразбирливи.

-Како може нашиот македонски јазик да биде проблем за интеграција во ЕУ, во еден сојуз којшто ја слави и негува културната и јазичната разновидност на европските народи како своја фундаментална вредност? Доведувајќи го во прашање идентитетот на македонскиот народ истовремено се загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто ќе постоеше ЕУ, доколку предуслов за нејзиното создавање ќе беше сите земји членки да имаат потполно исти ставови за сите историски прашања? За голем дел од земјите членки на ЕУ овие спорови се целосно нерационални и неразбирливи, вели Димитров.

На прашањето што треба да се случи  до март за кога е одложена Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и С.Македонија за Бугарија да се откаже од блокадата, Димитров вели дека во периодот пред нас мора да ја зајакнеме се посветиме на имплементацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година.

-Мора да работиме истрајно на сите отворени прашања. Не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и европските вредности да се претвори во наш пораз. Мора да покажеме дека сме возрасни земји кои можат да решаваат отворени прашања на европски начин, со меѓусебно разбирање, но и почит. Мораме да ја зајакнеме имплементацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, но и промоцијата на таа имплементација, затоа што имам впечаток дека тоа не го покажавме доволно , иако направивме многу. Потоа, треба да ги продолжиме разговорите во рамките на Комисијата за историски прашања, но меѓу историчарите, а не меѓу политичарите. Потоа, тука се реформите. Процесот на интеграција во ЕУ не е само процес на формални чекори кон членство во Унијата, туку и домашна трансформација. Одложувањето на едниот, за нас не смее да значи прекинување на другиот, според мене поважен процес. На крајот, мора да работиме со нашите сојузници во ЕУ, со цел земјите членки што побргу да најдат сила да ги заштитат принципите што беа прекршени овој пат, и како би успеале да ја убедат Бугарија да ги отстрани билатералните прашања од преговорите и да го ослободи процесот на пристапување од политичкото заробеништво во кое сега се наоѓа. Европа мора да води со  сопствен пример. Унијата не е и не смее да биде само еден џиновски пазар. Со децении слушаме дека ЕУ пред се’ е една заедница на вредности. Ако е така, тогаш не смее да дозволи процесот на евроинтеграција да се инструментализира против правото на македонскиот народ на самоопределување, вели Димитров во интервјуто за „НИН“.

Слични содржини