Димитровски: И покрај радикалното мислење на Бугарија, не може да опстои тврдењето дека Гоце Делчев е Бугарин

од Aleksandar Petrovski

Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски е оптимист дека ќе се најде решение со Бугарија и во декември ќе почнеме пристапни преговори со Европската Унија. Ставањето вето и патернализмот од источниот сосед, според него,  не е во интерес на меѓудржавните односи, не може да се очекува дека со вето ќе се подобрат односите, а тоа не е во интерес ниту за целиот регион.

– Ќе има некаков, можеби анекс-договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и ќе ги почнеме преговорите за полноправно членство. Сè уште ќе трае тој проблем со Бугарија и ќе се решава на подолг рок, но мислам дека и јавното мислење и Европа ќе помогне да се изменаџираат тие состојби и Бугарија да ги напушти соништата од Санстефанскиот, рече Димитровски вечерва во гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Смета дека е тврда и радикална позицијата на Бугарија со декларацијата и објаснувачкиот меморандум и дека е премината, како што рече, црвената линија со барањата за јазикот и за малцинствата и тоа не кореспондира со европските вредности.

Според заменик-министерот, во односите со Бугарија дошло до „зовривање“ по Договорот од  Преспа зашто во него има клаузули кои го зацврстуваат македонскиот идентитет и мкедонскиот јазик и дека можеби Бугарија се почувствувала фрустрирано со тоа што сме прифатиле античката историја да биде преименувана во хеленска.

Димитровски смета дека и покрај радикалното мислење на Бугарија, не може да опстои  тврдењето дека Гоце Делчев е Бугарин бидејќи неговите писма во кои, како што рече, тој и не пишува за себе, се многу помалку важни од неговата улога како револуционер и борец за автономна македонска држава.

– Фактички, тоа го дефинира и неговиот идентитет, истакна Димитровски, според кого за Делчев може да се најде решение и заедничка формулација без директно етничка определба.

Но посериозен проблем, смета тој, ќе биде Втората светска војна зашто Бугарија ќе мора, рече,  да се соочи дека тогаш била на страната на фашизмот.

-Тоа е одговорност на тогашниот фашистички режим, не се однесува на денешна Бугарија, но е историски факт. Се работи за цивилизациско прашање и Бугарија треба да се соочи со тоа минато, што и не е страшно зашто со тоа се соочи и Германија, истакна Димитровски.

Можеби од тоа минато произлегла и антибугарската реторика кај нас и тоа, рече, треба да се исправи ако стои во книгите. – Потребно е вистинско помирување од двете страни, мора да се почитуваме меѓу себе, додаде Димитровски.

Слични содржини