Отворено писмо до буарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов и до бугарскиот европратеник Андреј Ковачев упати Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Писмото ви го пренесуваме во продолжение:

Почитуван господине Каракачанов,
Почитуван господине Ковачев,

За уцени од браќа сум слушал од кажувања, но тие уцени секогаш завршувале лошо, по судови, со кавги, со скршени фамилии. На крај никогаш не било важно кој е прав, а кој крив, штетата ја носеле сите браќа.

Ако се броиме за браќа, а добро е да се имаме за такви, тогаш уцените не се за на маса, ни за во глава, ниту за зад врата. Заборавете ги и поставете се како браќа, а пак ако не сте спремни на таква големина тогаш не се претставувајте за браќа..

Денес во Софија и цела Бугарија живеат повеќе луѓе од Македонија од тоа што живеат тука кај нас, во овој мал дел на Македонија. Тоа навистина не прави блиски.

Трагедиите низ историјата го однеле Македонецот насекаде низ светот, но најмногу низ Бугарија.
Ние тоа го знаеме и го почитуваме, иако најголем дел од тие преселби и не биле на драга желба на преселниците, но биле пропратени со масовни акции за демакедонизација, во што морате да признаете Бугарија била поуспешна од Србија и од Грција.

Асимилацијата на Македонците во Бугарија денес и ја разбираме како насушна потреба за грдење на монолита бугарска нација, но верувајте, ги знаеме пописите, ги знаеме бројките, дури и бројките на попови, митрополити, даскали, државни службеници, офицери, студенти низ Бугарија кои се евидентирале како Македонци низ годините (замислете, некоја ваша државна служба имала потреба да ги има бројките на Македонци во вашите институции, а паралелно сте велеле дека сме биле и сме исто, чудно нели, исто како денес да броите и пребројувате Тракијци низ државната хиерархија на Бугарија на пример), а со тоа ги знаеме и причините на вашиот неодмерен однос кон Македонија.

Од друга страна свесни сме и дека македонската преродба и ставањето на темелите на македонската борба за сопствено дефинирање и државност се случува во рамки на припадниците на бугарската егзархија, за што повторно знаеме да почитуваме и да бидеме благодарни. Едноставно, нашите луѓе мислеле дека Бугарите и бугарската егзархија ни се поблиски и посвои од Грците и грчката патријаршија и не згрешиле, но да знаеле дека еден ден ќе бидат користени во пропаганда против народот за кој се бореле сигурно би размислиле два пати.

Но, време е јасно да кажеме дека пак бугарската преродба и ставањето на темелите на бугарската борба за сопствено дефинирање и државност се случува, само неколку децении порано од македонската, во рамки на припадниците на грчката цариградска патријаршија.

Да, да, вашите преродбеници биле припадници на грчката црква, биле попишувани како Грци, учеле на грчки…

Ако за вас првото е доволен аргумент нас да не броите за Бугари, тогаш по логика на проста аналогија сами себе треба да се броите за Грци.

Ние тоа не ви го посакуваме, иако низ историјата неколкупати, а и денес, покажувате поголема љубов кон различноговорливите Грци од спрема нас, како што не нарекувате браќа.

Ајде да бидеме појасни.

Во рамки на Отоманската империја, христијаните, без исклучок, воопшто не биле идентификувани според нивната јазична или етничка припадност, туку спрема припадноста кон одредена верска заедница.
Се до формирањето на бугарската егзархија, сите ние, од овој дел на Балканот сме биле дел од Рум-милетот, оној под кој се воделе припадниците на грчката цариградска патријаршија.
А секако и вие Бугарите сте биле попишувани како Грци.

Неслучајно во многу пописи и патеписи се до почетокот и средината на 19 век, населението во цела Бугарија се евидентирало за грчко, проповедите се обавувале на грчки јазик, даскалите предавале на грчки јазик и грчкиот јазик се сметал за јазик на елитата на бугарското општество.

Да видиме што велат странските извори:

Во 1811 година англискиот патепис Џон Галт ја посетил Софија и го напишал следново:

„Софија е мал и нечист град, заобиколен со ниски карпи…Поголемиот дел од куќите се бедни колиби, а калта по улиците е толку длабока, што ги правеше непроодни дури и за пешаците…Населението на Софија се проценува на 10.000 души, кои главно се Грци, што посакуваат да се спојат со Србите против Турците.”

Забавно нели? Ем Грци ем србомани…

Друг патеписец по име Адам Нил во 1805 година посетил неколку бугарски градови и пишувал на пример вака: “Разград е доста важен град…Сегашното население брои околу 10.000 жители, од кои една третина се грчки христијани, а останатите се Евреи и Турци”

Трагедија, ај во Софија, ама и насекаде низ Бугарија нема Бугари, така ли?

Ако ја следиме вашата негациска логика и однос кон македонскиот народ и неговата борба за сопствена засебност и ја примениме спрема бугарскиот народ, а искористиме десетици и стотици вакви написи и податоци од пописите низ Бугарија се до почетокот и средината на 19 век ќе дојдеме до следниот заклучок: МАКЕДОНЦИТЕ СЕ БУГАРИ ТОЛКУ КОЛКУ ШТО БУГАРИТЕ СЕ ГРЦИ. А навистина не сте тоа.

Затоа доволно се мачите и вие, не мачите и нас. Читате историја како ученик со оценка двојка. Преку четири страни, читате една.

Не е добро ова за нас, но најмалку за вас. Премногу жртви даде Бугарија низ историјата, а не доби ништо, освен што одработи за Атина и нејзините големодржавни стратегии.

П.С. Господинот Каракачанов иницирал заедно да го славиме Гоце Делчев во Баница, Серско. Убав призвук на една идеја.

Би сакал да му укажам дека ако ги почитуваме меѓудржавните договори како европски партнери (онака строго како што вие барате од нас), но и ја следиме вашата логика на толкување на историјата, тоа не смееме да го бараме од Грција.

Според Букурешкиот договор, Бугарија оддамна се откажа од територијата на егејска Македонија, што Република Македонија во историско-културна смисла, за жал, пак скоро го направи со Преспанскиот договор.
Бугарија кажа дека таа територија е грчка, а Македонија кажа дека целата историја и култура од таа територија е дел од хеленската култура и наследство. Иронија на времето и зборот.

Ако повторно извлечеме заклучок по аналогија на вашата логика доаѓаме до следното: ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е РОДЕН НА ГРЧКА ТЕРИТОРИЈА И Е ДЕЛ ОД ХЕЛЕНСКОТО КУЛТУРНО-ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО. А не е.

Господине Каракачанов, Бугарија го поддржа Преспанскиот договор, нели? За жал да.

Епа ова ќе е се почесто заклучокот кој ќе го гледаме, ако ја следиме вашата логика и употребуваме аналогии. Другите ќе имааат корист, а ние Македонците и вие Бугарите само ќе ја продолжиме кавгата помеѓу нас, за жал.

П.П.С. Славниот кнез и цар на Бугарија Фердинанд Саксобурготски во 1896 година ќе го каже следното:
„Во Македонија, главната маса од населението ниту се Бугари, ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик подеднакво далечен или ако сакате подеднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но, јазик, кој е посебен дијалект, ако не и посебен јазик. Наместо да се караме околу тоа, дали тој е дијалект на српскиот или бугарскиот јазик, ние треба заеднички да работиме и тоа овде кај нашиот заеднички „татко“, кај Султанот, за да им даде на своите верни поданици во Македонија такви реформи кои ќе им осигураат човечки живот и културен развиток… Ако тоа се реши, културата на Македонците ќе го реши прашањето кое што никоја сила не може да го реши, па дури ако Србите и Бугарите поради тоа ја фрлаат на коцка својата државна егзистенција“.

Да ја следеше Бугарија оваа политичка мисла на тогаш младиот кнез Фердинанд, немаше да изгуби илјадници и илјадници жртви низ годините подоцна.

За жал сите ние на Балканот малку учиме од историјата, така и вие не сте исклучок, нам блиски пријатели Бугари.

Господине Ковачев, во цитатот погоре од вашиот кнез и цар Фердинанд денес сменете го само зборот „Султанот“ и на негово место ставете „Европската унија“, ќе добиете изјава која и денес би важела исто и би била актуелна и денес.

Почитувајте ја, ве молам, оваа мисла на вашиот кнез и цар, токму онака како што, пак, и тој не си ја почитувал, а со тоа ја однел Бугарија во повеќе национални катастрофи. Нема да згрешите ниту за вас, ниту за нас.

Слични содржини