Директорот на АНБ бил на обуки во САД и Канада, кариерата ја започнал во УБК, потврди Ковачевски

од Nikola Popovski

Директорот на АНБ (Зарко Милошевски) беше поставен на седница на Влада и можам да го повторам тоа што го соопштивме после назначувањето. Се работи за човек кој што професионалната кариера ја градел од 1997 година во МВР, во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), изјави денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Премиерот додаде дека Милошевски потоа продолжил во АНБ каде што извршил раководни позиции.

-Во текот на кариерата бил на низа обуки во САД и Канада, во областа во која професионално се усовршувал во која што професионално напредувал, кратко одговори Ковачевски.

Стоилковски денеска постави неколку прашања на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ковачевски и Зечевиќ би требало да одговорат каква е улогата на Зарко Милошевски во случајот Диво Насеље од 9 мај 2015 година? Ковачевски и Зечевиќ мора да одговорат дали Зарко Милошевски е парично награден со одлука на владата за Диво Насеље? Дали неговото име е меѓу оние за коишто токму СДС гласно бараа списокот со наградени да се објави а парите да се вратат? Па сега, Ковачевски и Зечевиќ нека се изјаснат, треба ли или не Зарко Милошевски да ги врати парите како награда за Диво Насеље?, праша портпаролот на најголемата опозициска партија.

Слични содржини