Директорот на ФБИ: Причината за пандемијата на ковид е веројатно инцидент во кинеска лабораторија

од Stefanija Kuzmanovska

Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, во вторникот изјави дека агенцијата проценила дека пандемијата на коронавирус најверојатно била предизвикана од инцидент во лабораторија во кинескиот град Вухан.

„ФБИ веќе некое време проценува дека изворот на пандемијата е најверојатно потенцијален лабораториски инцидент во Вухан“, изјави Вреј за „Фокс њуз“.

Неговата изјава уследи по неделниот извештај на „Волстрит журнал“, според кој министерството за енергетика на САД проценило дека пандемијата е предизвикана од случајно истекување на вирусот од кинеска лабораторија.

Некои агенции веруваат дека пандемијата е поверојатно резултат на природен пренос од животни на луѓе, а некои се неопределени, објави „Журнал“.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби во понеделникот рече дека американската влада нема дефинитивен заклучок и консензус за потеклото на пандемијата.

Кинеското министерство за надворешни работи цитираше извештаи од Светската здравствена организација и Кина кои укажуваат на природно потекло на пандемијата, а не на истекување од лабораторија.

Вреј рече дека не може да сподели многу детали за проценката на агенцијата бидејќи се работи за доверливи информации.

Тој ја обвини кинеската влада дека „прави се што може за да се обиде да ги спречи и замагли“ напорите на Соединетите држави и другите земји да дознаат повеќе за потеклото на пандемијата.

Слични содржини