Директорот на „Рајанер“: Во авионот се наоѓале агенти на белорускиот КГБ

од Stefanija Kuzmanovska

Директорот на „Рајанер“ изјави дека верува дека агенти на белорускиот КГБ се наоѓале во авионот на таа компанија, кој вчера мораше принудно да слета во Минск, пренесува „Гардијан“.

Мајкл О’Лири, директорот на „Рајанер“, изјави за ирското радио Њузток дека „се чини дека намерата на властите била да ги отстранат новинарот и неговиот придружник“ и дека откако авионот слетал во Минск, неколку агенти на белорускиот КГБ излегле од летот.

Вчера, по принудното слетување на авионот, како што пренесува „Гардијан“, белоруската полиција ги уапсила опозицискиот новинар Роман Проташевиќ и неговата девојка Софија Сапега.

Изјавата на директорот на „Рајанер“ е прва официјална потврда дека уште четири лица се симнале во Минск од летот, што ги разгорува шпекулациите дека Проташевиќ бил придружуван од припадници на безбедносните служби уште пред да слета авионот.

Принудното слетување на авионот „Рајанер“ и приведувањето на Проташевиќ во Минск предизвикаа остри реакции кај официјалните претставници на Европската унија и САД, кои побараа итно ослободување на притворените лица.

Слични содржини