Дисциплинска постапка против Русковска и уште две обвинителки за претресот во финансиската полиција

од Stefanija Kuzmanovska

Дисциплинската обвинителска комисија утврди дека постои основано сомневање дека поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, и двете обвинителки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, сториле тешка дисциплинска повреда. Ова се однесува на постапката која пред неколку месеци ја покрена јавниот обвинител Љубомир Јовевски поради спорниот претрес во финансиската полиција со која раководеше Арафат Муареми.

„Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“, соопштија денеска од Јавното обвинителство.

Против ова решение на Комисијата, се наведува во соопштението, не е дозволена жалба. Како следна фаза на постапката, Комисијата ќе закаже седница на која ќе бидат повикани подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог.

Рускоска во август годинава беше суспендирана. Како што соопшти тогаш јавниот обвинител Јовески, предлогот за поведување дисциплинска постапка е поднесен за утврдување одговорност за Рускоска и уште двајца јавни обвинители, за кои постоело сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка.

Ова следуваше откако претходно шефот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Рускоска во врска со претрес кој бил изврешен во Управата.

Освен за Русковска, поднесени беа пријави и против обвинителките од Обвинителството за гонење организиран криминал Трајчева и Јосифовска кои го извршиле претресот.

Слични содржини