ДИЦ: Модерните држави не ги наградуваат поединците за она што го знаат, туку за тоа што можат да направат со своето знаење

од Маја Анчевска

Главното тестирање од ПИСА 2022 ќе се реализира во периодт април – мај 2022 година. Со тестирањето ќе бидат опфатени случајно одбрани 7840 ученици родени 2006 година од сите средни училишта од РСМ. Учеснички во ПИСА 2022 се 85 држави од цел свет, информираат од Државниот испитен центар.

Со ПИСА се проценуваат способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во различни животни ситуации на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години во три подрачја:  оспособеност за читање со разбирање,  математичка писменост и писменост во природните науки .

–  Реализацијата на ПИСА е значајна, бидејќи резултатите од оценувањето може да се
искористат за: да се прикаже колку добро учениците во Република Северна Македонија се
подготвени за учење и за примена на наученото откако ќе го напуштат училиштето, да се идентификуваат областите кои, со тек на време, треба да се унапредат од страна
на училиштата, образовниот систем и владата, да се овозможи споредување на ефикасноста на ученикот и средината за учење меѓу различни земји, велат од ДИЦ за „Локално“.

Оваа проценка не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го екстраполираат (искористат) своето знаење и колку можат да го применат тоа знаење во непознати ситуации, во училиште и надвор од него.

– Овој пристап го одразува фактот дека модерните држави не ги наградуваат поединците за она што го знаат, туку за тоа што можат да направат со своето знаење. Воедно, се добиваат сознанија и за социо-економските и образовните фактори кои  влијаат на постигањата на учениците. Преку ПИСА истражувањето треба да добиеме  одговор колку учениците на петнаесетгодишна возраст знаат и се оспособени да го применуваат сопственото знаење. Во ПИСА 2022 освен во трите подрачја се проценуваа знаењата на учениците и во областа на креативно мислење на учениците, велат од ДИЦ.

Пробното ПИСА 2022 тестирање кое се реализираше во септември 2021 година во С.Македонија, целта не беше рангирање на земјите учеснички, туку само да се тестираат процедурите, инструментите и техниката за спроведување на истото. За прв пат истото во нашата држава се спроведе електронски, односно на компјутер.

-Во ПИСА 2019 најдобри резултати нашите ученици постигнаа во природни науки, велат од ДИЦ.

Државниот испитен центар е институција која е задолжена за спроведување на државни и меѓународни тестирања, односно тестирања од широк размер, меѓу кои се: ПИСА, ТИМСС, ПИРЛС. Сите овие меѓународни студии се реализираа циклично.

–  Откако ќе излезат резултатите после главното мерење, ДИЦ издава национален извештај во кој се дадени резултати од постигањата на учениците како и вкрстените анализи со податците од Прашалниците кои ги пополнуваат учениците и директорите на училиштата за да се согледа кои фактори влијаат врз постигањата на учениците. Во секој национален извештај дадени се и препораки кои треба да им помогнат на креаторите на образовните политики при донесување на одлуки, додаваат од ДИЦ.

М.А.

Слични содржини