Џулија Робертс и Мартин Лутер Кинг се поврзани на чуден начин, актерката откри што направил тој за неа

од Stefanija Kuzmanovska
271 прегледи

Познатата актерка Џулија Робертс откри една интересна работа за себе во интервју за Гејл Кинг.

Според оскаровката, нејзините родители Волтер и Бети Робертс немале пари кога биле млади.

Така било и кога таа се родила.

Живееле толку скромно што во времето кога се родила Џулија, немале пари за да ги платат болничките трошоци.

Тогаш им помогнале познатиот борец за граѓански права Мартин Лутер Кинг и неговата сопруга Корета Скот Кинг.

Имено, со плаќањето на сметките во болницата, тој им се оддолжил на родителите на актерката за гестот кој претходно го направиле за него.

„Моите родители имаа театарско училиште во Атланта наречено ‘Работилница за актери и писатели’, а еден ден Корета Скот Кинг ѝ се јави на мајка ми и ја праша дали нејзините деца можат да одат во училиштето бидејќи им било тешко да најдат место кое ќе ги прифати нивните деца. Мајка ми одговорила: Се разбира, дојдете. И така сите станаа пријатели, и ни помогнаа да излеземе од финансиските проблеми“, изјави актерката која е родена во 1967 година.

Да потсетиме, во Америка во тоа време, во 1960-тите, имаше големи расни поделби, па дури и во такви актерски школи или други институции црните деца не се мешаа со белите деца, а родителите на Џулија Робертс не покажувале никаков облик на расизам и ги прифатиле децата на Мартин Лутер Кинг и Корета.

Откако Џулија Робертс го кажа ова, се огласи Бернис Кинг, најмалото дете на Мартин Лутер Кинг и Корета Скот Кинг, која на Твитер ѝ се заблагодари на Џулија што ја сподели оваа приказна.

„Добро ја знам приказната, но трогателно е да се потсетувам на великодушноста и влијанието на моите родители“, напиша таа.

Да потсетиме, Мартин Лутер Кинг беше убиен на четврти април 1968 година во Мемфис, а атентатот го изврши Џејмс Ерл Реј.

Слични содржини