ДКСК: Активностите кои ги спроведува Комисијата не се детерминирани од политичките процеси

од Vladimir Zorba

Сите досега искажани ставови од страна на ДКСК се во насока на зајакнување на интегритетот на институциите, демократските принципи и борбата против корупцијата на сите нивоа со цел да се зајакне и подигне нивната примена на повисоко ниво во општеството во интерес на демократскиот развој, реагираат од ДКСК.

„ДКСК е независна институција основана од Собранието на РСМ како највисок израз на демократијата и делува единствено во таа насока. Оттука сите активности на ДКСК вклучувајќи ја и веќе започнатата кампања за интегритет, се согласно надлежностите на  Комисијата дефинирани во член 17 од Законот за спречување корупција и судир на интереси. Имено, Кампањата за интегритет е активност во рамки на ИПА проектот за„Промовирање на транспарентност и отчетност во јавната администрација“, финансиран од Европската унија“, велат оттаму.

Имајќи предвид дека станува збор за независна институција, сите активности кои ги спроведува Комисијата не се детерминирани од политичките процеси, додаваат од Антикорупциска.

Претседателката на Антикорупциска комисија, Ивановска вчера во изјава за „Телма“ укажа дека граѓаните на избори ќе кажат што мислат за Владата и затоа Влада не треба да го испитува јавното мислење по однос на различните политики.

Посочи дека кампањата на Владата за вакцинација е оправдана, но другите „две кампањи“ биле непотребно трошење пари, затоа што „борбата со корупцијата најдобро се води со личен пример“. Дополни дека најдобар тест за резултатите од владината борба со корупцијата се изборите.

На tenderi.mk сепак може да се види дека и Комисијата за спречување на корупцијата има повик за ПР комуникациски услуги финасирани од ОБСЕ.

Што се однесува до кампањите на Владата, едната е за вакцинација, а другата за борба со корупцијата. Третиот повик не е кампања туку истражување на јавното мислење.

Објаснуваат дека „Медиа планот“ не се однесува на закуп на медиумско време кај радиодифузерите, затоа што тоа е сѐ уште забрането со закон, согласно членот 102 од законот за ААВМУ, туку на користењето различни канали за комуникација со јавноста како што се односи со јавноста, настани, печатени материјали, билборди, социјални медиуми, печатени медиуми.

Дополнително, од Владата објаснуваат дека јавните набавки се распишани уште во месец април годинава и при тоа посочуваат претходни спроведени истражувања кои за прв пат се ставаат на располагање на јавноста во делот Отворена влада на веб страницата на Владата (vlada.mk/istrazuvanja)

 

 

Слични содржини