ДКСК: Изјавата на Гаши е сериозен обид за политизирање на нашата работа

од Берта Китинска

ДКСК ја оцени како „сериозен обид за политизирање“ на нејзината работа изјавата на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во однос на Иницијативата на ДКСК за кривично гонење на Хусни Исмаили од оваа партија, поради злоупотреба на службената положба и овластување за време додека бил мнинистер за култура.

– Каков било обид за ставање на работата и одлучувањето на ДКСК во дневнополитички интереси и изјави може само да штети на напорите за спречување и борба против корупцијата во целина. Со ваквите изјави не само што се прави обид да се наштети и дискредитира работењето на ДКСК, туку се прави обид и за влијание врз другите органи и институции што треба понатаму да ги проследат нејзините иницијативи и препораки, што е спротивно и на укажувањата на последните извештаи за напредокот од страна на Европската комисија во однос на ДКСК, како и неодамнешните заклучоци од Советот за општи работи на ЕУ дека треба да се почитуваат препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата, соопшти Антикорупциската комисија.

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши за неговиот сопартиец кажа дека е „чист како солза“.

-Повеќе му верувам него отколку мене. Зли сили сакаат да му наштетат. Буџетот не е оштетен додека тој беше министер. Ако се пронајде вина кај него, јас давам оставка, кажа Гаши пред неколку дена во гостувањето на дневникот на ТВ Сител.

Антикорупциската комисија поднесе иницијатива до Јавното Обвинителство за поднесување кривична пријава против Исмаили за времето кога беше министер. Постои сомневање дека тој ја злоупотребил службената положба и овластувања и го оштетил буџетот на државата во постизборен период, во време кога немало Влада и во услови на ребаланс на буџетот.

Исмаили е предлог на Алтернатива за нов потпретседател на Собранието.

Слични содржини