ДКСК ја презеде улогата да биде адвокат на Ковачевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Државната Комисија за спречување на корупција (ДКСК) дека „ја презела улогата да биде адвокат на премиерот Димитар Ковачевски“.

-Тие побрзаа предвреме да го амнестираат дезертерот Ковачевски од аферата „Броило“ тешка 26 милиони евра. Ни постапка, ни аргументи ни факти не посочија, туку само посочија дека Ковачевски според нив не бил виновен. Ова отвора сомнеж дека ДКСК позната како антикорупциска комисија е само продолжена рака која го штити криминалот и ја амнестира корупцијата. После да не се чудат институциите за борба против корупција зошто огромно мнозинство од граѓаните не им верува, се вели меѓу другото во соопштението од најголемата опозициска партија.

Првата антикорупционерка Билјана Ивановска пред два дена информираше дека ДКСК нема основа за отворање случај против Ковачевски за случајот „Броило“. Ивановска изјави дека премиерот во својот анкетен лист уредно пријавил сѐ што поседува.

-Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основ за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство, појасни Ивановска.

Слични содржини