ДКСК: Многу нѐ интересира зошто Уставниот суд ја одобри изградбата на автопатите од Коридорот 8

од Nikola Popovski

ДКСК бара образложение од Уставниот суд зошто ја отфрли нивната иницијатива за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10.

-Државната комисија за спречување на корупцијата повеќе нема што да постапува во случајот со изградбата на Коридорите 8 и 10, бидејќи Уставниот суд требаше последен да го каже својот збор, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

-Не знаеме кое е образложението за таквата одлука, многу нè интересира какво ќе биде тоа образложение, дотолку повеќе што нашата иницијатива се засноваше на членови кои се дел од Уставот, уставни членови, и многу нè интересира со кое образложение е отфрлена оваа иницијатива. Дополнително ни предизвика посебен интерес, а и сомнеж, благодарноста искажана од страна на Артан Груби кон уставните судии, додаде Ивановска.

Законот беше донесен по скратена постапка во собранието а указот веднаш го потпиша преседателот Пендаровски.

Уставниот суд вчера пресуди во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8.

„Голема одлука денеска во Уставниот суд. Надмината е и последната законска пречка за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за градежен договор со компанијата Бехтел – Енка. Голема благодарност до уставните судии за покажаниот професионализам, колегите министри, пратениците и сите кои се дел од остварување на големиот сон“, објави вчера првиот вицепремиер Артан Груби.

Иницијативата до Уставниот суд ја испрати Државната антикорупциска комисија, која оцени дека се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради преостанатите автопати од коридорите 8 и 10, а законското решение има правни празнини кои создаваат простор за субјективност, политичко влијание и тргување со моќ. Исто, е нејасно колку пари би ја чинела државата изградбата на сите тие патишта.

Слични содржини