ДКСК отвори предмет за набавката на противпожарната опрема

од Nikola Popovski

Антикорупциска денеска потврди дека отвориле предмет откако тоа го побара самиот градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов, но предупредува дека не сака преку неа да се вршат политички препукувања во пресрет на локалните избори.

Според ДКСК, неблагодарно е градоначалникот сам за себе да поднесува пријава за сомнежи за корупција.

„Ние немаме деловен однос со скопската фирма преку која е набавена противпожарната скала „Армор плус”. Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус”, и оттука не постои конфликт на интереси, рече денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој посочи дека фирмата „Армор плус” има добиено само два договора за противпожарната опрема, од вкупно 20 постапки и јавни набавки за потребите на Противпожарната бригада, во последните три години.

Шилегов појасни дека не е само скала, во прашање е сериозен квалитет на цела опрема која може да биде употребена и при други интервенции.

„Армор плус“ беше тема и на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на градскиот комитет на партијата, Владимир Нелоски, обвини дека во случајот со оваа компанија „го имаме новиот Драги Рашковски“ бидејќи фирмата добивала и други тендери.

Автоскалата сè уште не е пристигната во Скопје. За неа е платен аванс од 20 проценти, а остатокот од парите Градот ќе ги плати по пристигнувањето на неколку рати. Таа треба да пристигне во Скопје наскоро. Командантот Симоновски вели дека се прават напори тоа да се случи за денот на пожарникарите на 20 мај, а доколку не се успее возилото ќе биде тука кон крајот на месецов или на почетокот на јуни.

Слични содржини