ДКСК: Рашковски незаконски добил награда „доџ вајпер“ од 50 илјади евра

од Берта Китинска

ДКСК има сомневање за сторено кривично дело од страна на поранешниот генерален секретар  Драги Рашковски  по член 359, став 1 и 2 од Кривичниот законик, односно примање награда за противзаконито влијание.

Во анкетниот лист од 05.03.2021 година Драги Рашковски, тогашен секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.

Од документацијата, како што наведе Горан Трпеноски, член на ДКСК, произлегуваат сомневања за незаконито постапување на Рашковски, со цел примање награда, во конкретниот случај – возило.

Од МВР до Антикорупциска биле доставени два договори и тоа за купопродажба на возилото „доџ“ кабриолет склучен на 09.11.2020 година меѓу гостиварска фирма и Игор Христов и договор за истото патничко возило склучен на 10.02.2021 година меѓу Игор Христов и Вероника Рашковска, сопругата на Драги. Инаку, потсети Трпеноски, Христов е и советник во Владата, како и еден од осомничените во случајот со Рашковски за набавка на софтверите.

Трпеноски појасни дека по извршената проверка на пазарот, оваа марка на возило иако е произведена 2005 година чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рече, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.

-По извршената проверка откриено е дека на 17.12.2018 година до Генералниот секретаријат на Влада, гостиварскат фирма доставила барање за спроведување постапака за склучување пред договорот. Во барањето се известува за имот за катастарска Општина Гостивар во вкупна површина од 366 квадратни метри деловен простор, имот сопственост на државата, а со право на користење на УЈП во Гостивар и Централниот регистар – Гостивар, појасни Трпеноски.

Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски за неисполнетоста на законските услови, во повеќе наврати, продолжува со дејствијата.

И покрај негативното мислење на Министерството за транспорт и врски од страна на Генералниот секретаријат повеќепати во текот на 2019 година на дневен ред на седница на Владата била доставена информација со цел пред договор за пренесување на правата на гредење на гостиварската фирма, по која што, како што рече Трпеноски, се донесени различни заклучоци за овластувања, за потпишување на наведнениот пред договор.

Слични содржини