ДКСК со препорака до МЗ: Да се подобри Законот за здравствена заштита

од Берта Китинска

Да се подобри текстот на Законот за здравствена заштита со што ќе се овозможи здравствените установи да имаат лиценца за работа, но и до Фондот за здравствено осигурување да се зајакнат редовните контроли, упати препорака Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) до Министерството за здравство.

ДКСК до овој заклучок дојде откако бил отворен предмет за тоа докторот Владимир Чадиковски, единствениот лиценциран детски кардиохирург, дал отказ од болницата „Жан Митрев“, со која државата имала склучено јавно-приватно партнерство, поради неисполнети услови во договорот и различни концепти на работа со кардиохирургот Жан Митрев.

Од ДКСК велат дека согласно одговорите што ги добиле од Фондот за здравствено осигурување и од приватната болница, констатирале дека не постоело договор за јавно-приватно партнерство, туку само договор за извршување на точно определени здравствени услуги од областа на кардиохирургија за возрасни, детската кардиохирургија, интервентната кардиохирургија и ваксуларната хирургија.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска вели дека во експертскиот тим на доктори и медицински сестри државата вложила над 2 милиони евра за обука и едукација, но тој тим не е веќе дел од јавното здравство, тој тим е дел од приватното здравство.

„Сега докторот Владимир Чадиковски не е во „Жан Митрев“, туку е во „Систина“, така што граѓаните за да ги добијат услугите од овие експерти мора повторно да платат. Референтната цена се зголеми за 35 отсто“, додаде Ивановска.

Во државата постои само еден лиценциран детски кардиохирург, Владимир Чадиковски. Претставници на ДКСК ги прашале надлежните институции дали хирург за возрасни може да оперира деца под една година, но одговор не добиле.

Според Законот за здравствена заштита, во мрежата на здравствени установи може да функционираат и такви кои имаат само дозвола за работа, но не и лиценца, велат од ДКСК.

Со промените во Законот за здравствена заштита ќе се овозможи сите здравствени установи да имаат лиценца за работа онака како што предвидува законот.

За нов заменик-претседател на ДКСК денеска беше избран Владимир Георгиев. Одлуката ќе стапи на сила на 12 август, откако ќе заврши мандатот на претходниот заменик-претседател.

Слични содржини