ДКСК: Во сите предмети се постапува со ист пристап

од Берта Китинска

Од ДКСК велат дека сите предмети што Комисијата во овој состав ги разгледува и постапува по нив, се третираат со ист пристап без оглед за кој државен функционер се работи или на која политичка опција ѝ припаѓа истиот.

„ Комисијата е формирана од Собранието на Република Северна Македонија и отчет дава пред оваа институција. Главна цел на Комисијата е спречување на корупцијата и судирот на интересите, што е основен предуслов за владеење на правото и јакнење на демократските капацитети на институциите и на државата во целина.

Оттука, обидите за инволвирање на Комисијата во политички контекст се неосновани и воопшто не кореспондираат со реалноста.

Преку своето делување овој состав на Комисијата успеа да ја подигне репутацијата на оваа важна институција и да покаже професионален пристап и посветеност во постапувањето по сите предмети, независно од тоа на кого тие се однесуваат. Сите предмети, без исклучок, се разгледуваат од Комисијата и нејзината стручна служба и доколку има елементи за надлежно постапување се формира предмет и по истиот се постапува, во спротивно, истиот се доставува до други институции на постапување согласно нивните надлежности.

Членовите на Комисијата и стручната служба со огромна посветеност работат на сите предмети и постапуваат по истите, но и на исполнување на останатите надлежности. ДКСК ја донесе Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, која за прв пат е изгласана од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Таа е клучен исчекор во напорите за спречување на корупцијата и судирот на интересите, бидејќи токму преку овој стратешки документ, нашата држава покажува волја за заедничка тесна соработка на сите чинители во оваа насока.

Продолжуваме со нашата посветеност во насока на спречување на  корупцијата и судирот на интереси, со што ќе постигнеме поголем демократски капацитет на нашите институции и на државата во целина. Во оваа мисија искрено се надеваме на поддршка од сите чинители во земјава, вклучувајќи ги и политичките субјекти“, велат од ДКСК.

Слични содржини